Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 26

26
њ. Давид повторно го поштедува Саула
1Луѓето од Зиф дојдоа кај Саула и му јавија: „Давид се крие во Ехелското Брдо, спроти Гесимон.“ 2Тогаш Саул тргна на пат и слезе во пустината Зиф, а со него три илјади избрани Израелпци, за да го бара Давида во пустината Зиф. 3Саул се влогори во подножјето на Ехелското Брдо, што е спроти Гесимон, покрај патот. Давид, кој престојуваше во пустината, забележа дека Саул дојде онаму за да го гони. 4Затоа Давид испрати согледувачи и научи дека Саул навистина дошол. 5Давид се крена и дојде до местото каде што се влогорил Саул. Таму Давид го здогледа местото каде што спиеја Саул и Авенир, синот Ниров, неговиот војвода: Саул спиеше среде логорот, а војската лежеше во круг околу него. 6Давид им се обрати на Хетеецот Ахимелех и на Ависај, синот Серуин, а брат Јоавов, и им рече: „Кој ќе дојде со мене во логорот сѐ до Саула?“ А Ависај одговори: „Јас ќе дојдам со тебе.“ 7И така Давид и Ависај стигнаа ноќта до војската: и ете, Саул лежеше и спиеше во логорот, а неговото копје беше закачено во земјата кај возглавјето. Авенир и војниците лежеа околу него. 8Тогаш Ависај му рече на Давида: „Денес Бог ти го предаде твојот непријател во твои раце; затоа сега дозволи да го прободам за земјата со неговото сопствено копје, со еден единствен удар, друг не ми треба.“ 9Ама Давид му одговори на Ависај: „Не го убивај! Зашто кој ќе ја подигне својата рака на Господовиот помазаник и ќе остане неказнет?“ 10Уште продолжи Давид: „Живиот ми Господ, и Господ ќе го удри, или ќе дојде неговиот ден да умре, или ќе отиде во бој и ќе загине. 11Да не ми даде Господ да кренам рака на Господовиот помазаник! Туку земи ги сега копјето што му е кај возглавјето и садот за вода, па да си одиме!“ 12И Давид ги зеде копјето и садот за вода што беа кај Сауловото возглавје, и тие си отидоа: никој ништо не виде ни забележа, никој не се разбуди, туку сите спиеја, зашто врз нив падна длабок сон од Господа.
13Давид помина на другата страна и застана на врвот на гората на некоја далечина, така што меѓу нив беше големо пространство. 14Тогаш им викна на војската и на Авенир, синот Ниров, вака: „Зар не ќе се одѕвиеш Авенире?“ А Авенир се одѕва и праша: „Кој си ти што го вознемируваш царот?“ 15А Давид му одговори на Авенира: „Не си ли ти јунак? И кој ти е рамен во Израел? Па зошто тогаш не го чуваше царот, својот господар? Еден од воините слезе до вас за да го убие царот, твојот господар. 16Не е убаво тоа што го направи. Така ми живиот Господ, заслуживте смрт што не го чувавте својот господар, Господовиот помазаник. Погледај сега каде е царевото копје и каде е садот за вода што му беше до возглавјето!“
17Тогаш Саул го позна Давидовиот глас и праша: „Дали е тоа твојот глас, сине Давиде?“ А Давид одговори: „Да, цару господару!“ 18И продолжи: „Зошто мојот господар го гони својот слуга? Што сум сторил? Каква вина е во мојата рака? 19Затоа сега мојот господар и цар нека удостои да ги сослуша зборовите на својот слуга: Ако Господ те крева против мене, нека биде ублажено со приносница; ако тоа го прават човечките синови, нека бидат проклети пред Господа, зашто ме истераа, така што не можам да имам дел во Господовото наследство, како да ми зборуваа: ‘Оди, служи им на туѓите богови!’ 20Затоа мојата крв нека не падне на земјата далеку од Господовото лице. Зашто Израелевиот цар излезе во лов на мојот живот, како кога некој гони еребица по планината.“
21Тогаш Саул рече: „Згрешив! Врати ми се, сине Давиде, не ќе ти правам веќе зло, кога мојот живот денес беше толку мил во твоите очи. Да, работев безумно и тешко згрешив!“ 22А Давид одговори: „Еве го царевото копје, нека дојде еден од момците и нека го земе! 23А Господ ќе му врати секому според неговата правда и според неговата верност: Денес Господ те предаде во мои раце, ама не сакав да кренам рака на Господовиот помазаник. 24И ете, како што денес твојот живот беше мил во моите очи, така мојот живот нека биде мил во Господовите очи! И Господ нека ме избави од секоја неволја!“ 25А Саул му викна на Давида: „Биди ми благословен, сине Давиде! Бездруго ќе го извршиш своето дело и ќе успееш!“ Потоа Давид си отиде по својот пат, а Саул се врати во своето место.

Селектирано:

1 САМОИЛ 26: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се