1 ТИМОТЕЈА 6
6
1Робовите, кои се подјармени, да ги сметаат своите господари достојни за секаква почест, за да не се хули Божјото име и науката. 2А оние кои имаат верни господари, да не ги презираат, затоа што се браќа, туку да им служат подобро, зашто оние кои се ползуваат од нивните услуги се верни и возљубени браќа! Така поучувај и проповедај!
Заклучни белешки и упатства
3Ако некој поучува инаку и не ги следи здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и на науката на побожноста, 4тој е надуен и не знае ништо, туку боледува од желба за распрашувања и препирки од кои произлегуваат: зависта, расправиите, хулењата, лукавите сомневања, 5празни препирки меѓу луѓето со изопачен ум и лишени од вистината, кои мислат дека побожноста е средство за печалба. 6Побожноста и е голема печалба кога е здружена со чувство на задоволство. 7Зашто ништо не донесовме на овој свет, ниту можеме да однесеме нешто. 8А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа! 9А оние кои сакаат да се богатат, паѓаат во искушение, во стапица и во многу неразумни и штетни желби, што ги туркаат луѓето во пропаст и погибел, 10зашто среброљубието е корен на секакви зла; некои му се предадоа, се отстранија од верата и се прободија себеси со многу болки.
11А ти, Божји човеку, бегај од сѐ тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост, кротост! 12Бори се во добрата борба на верата, зграби го вечниот живот, за кој си повикан, и за кого си дал добра исповед пред многу сведоци! 13Ти заповедам пред Бога, Кој оживува сѐ и пред Христа Исуса, Кој пред Понтие Пилат ја посведочи добрата исповед, 14да ја пазиш заповедта чиста и непорочна до јавувањето на нашиот Господ Исус Христос, 15кое - во свое време, ќе Го открие блажениот и единствениот Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите; 16Кој единствено има бесмртност, живеејќи во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. Нему чест и вечна сила. Амин! 17Заповедај им на богатите на овој свет да не бидат горделиви и да не се надеваат на непостојаното богатство, туку во живиот Бог, Кој ни дава изобилно сѐ за наслада, 18да прават добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи и заедничари; 19да собираат за себе благо како основа за иднината, за да зграбат вистински живот.
20О Тимотеје, пази го она што ти е доверено, и отстранувај се од нечистите и празните разговори и спротивставувањата на лажно нареченото познавање, 21за кое некои се држат и така се отклонија од верата. Благодат со тебе. Амин!
Селектирано:
1 ТИМОТЕЈА 6: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.