Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 КОРИНТЈАНИТЕ 4

4
1Затоа, имајќи го ова служење по милоста, што ја придобивме, ние не се истоштуваме, 2туку се одрековме од тајните, срамни работи; не живееме во лукавство, ниту го изопачуваме Божјото слово, но преку откривањето на вистината се препорачуваме себеси на секоја човечка совест пред Бога. 3Ако пак е покриено нашето Евангелие, покриено е за оние, кои загинуваат; 4за неверните, на кои богот на овој свет им го заслепил разумот, за да не ги осветли светлината на Евангелието за славата на Христа, Кој е Божји лик. 5Зашто, ние не се проповедаме себеси, туку Христа Исуса како Господ; а себеси како за ваши слуги заради Исуса. 6Зашто, Бог, Кој рече светлина да засвети од темнината, Тој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа. 7А ова благо го имаме во земни садови, та изврсноста на силата да биде од Бога, а не од нас. 8Во неволја сме отсекаде, но не сме притеснети; во двоумење сме, но не губиме надеж; 9нѐ гонат, но не сме оставени; нѐ соборуваат, но не сме погубени. 10Каде и да одиме, секогаш го носиме Исусовото умирање во телото, па и животот Исусов да се покаже во нашето тело. 11Зашто ние, живите, секогаш сме предавани на смрт заради Исуса, та и животот Исусов да се покаже во нашето смртно тело. 12И така, смртта дејствува во нас, а животот во вас.
13А бидејќи го имаме истиот дух на верата, како што е напишано: „Поверував, затоа зборував,“ и ние веруваме и затоа зборуваме, 14знаејќи дека Оној, Кој Го воскресна Господа Исуса, ќе нѐ воскресне и нас со Исуса и заедно со вас ќе нѐ постави пред Себе. 15Зашто сѐ е ова заради вас, та благодатта - што се зголемила со посредство на мнозина, да направи да биде изобилна благодарноста за Божјата слава.
Живот од вера
16Затоа не се истоштуваме, па и ако се распаѓа нашиот надворешен човек, внатрешниот се обновува од ден на ден. 17Зашто, нашата сегашна лесна неволја ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава, 18зашто ние не мислиме на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите работи се поминливи, а невидливите се вечни.

Селектирано:

2 КОРИНТЈАНИТЕ 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се