Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 САМОИЛ 10

10
Ж. Давидова победа над Амонци
1. Навредување на Давидови слуги
1Потоа почина Нахаш, царот на Амонците, а се зацари место него неговиот син Анун. 2А Давид си рече во себеси: „Сакам да му искажам милост на Нахашовиот син Анун, како што неговиот татко ми искажа мене.“ Затоа Давид ги испрати своите слуги за да му искажат сочувство заради неговиот татко. Ама кога Давидовите слуги дојдоа во земјата на Амонците, 3кнезовите на Амонците му рекоа на својот господар Анун: „Зар мислиш дека Давид ги испрати луѓево, за да ти искажат сочувство затоа што сака да му искаже почит на твојот татко? Не ги испратил ли Давид своите слуги кај тебе, за да го извиди градот, за да ја научи неговата одбрана и потоа да го разурне?“ 4Тогаш Анун ги грабна Давидовите слуги, им избричи половина брада и им ги скрати облеките до половина, и ги испрати назад. 5Кога му го јавија тоа на Давида, тој испрати човек пред нив, зашто тие луѓе беа тешко засрамени, и им порача: „Останете во Ерихон додека не ви порастат брадите, па вратете се тогаш!“
2. Бегство на Арамејци и Амонци
6Тогаш Амонците увидоа дека се замразија со Давида; затоа Амонците испратија гласници за да ги најмат за плата Арамејците од Вет Реова и Арамејците од Сова, дваесет илјади пешаци, потоа царот Маха, илјада луѓе, и луѓето од Това, дванаесет илјади војници. 7Кога Давид го чу тоа, го испрати Јоава со војската и со одбрани јунаци. 8Амонците излегоа и се наредија во боен ред пред градската врата, додека Арамејците од Сова и од Реова и луѓето од Това и од Маха стоеја одделно во полето.
9Откако виде бојни редови спроти себе, однапред и одназад, Јоав ги одбра најспособните меѓу Израелците и ги нареди спроти Арамејците. 10Другата војска му ја предаде на братот Ависај за да ја нареди спроти Амонците. 11И му рече: „Ако Арамејците бидат посилни од мене, тогаш ти прискокни ми на помош; ако Амонците бидат посилни од тебе јас ќе ти побрзам на помош. 12Биди храбар и да се држиме јуначки заради народот и заради градовите на својот Бог; а Господ нека направи што Му е по волјата.“ 13Тогаш Јоав и војската што беше со него почнаа да се приближуваат за да удрат врз Арамејците, ама тие избегаа пред него. 14Кога Амонците видоа дека Арамејците избегаа, побегнаа и тие пред Ависеј и се повлекоа во градот. Тогаш Јоав се откажа од војната против Амонците и се врати во Ерусалим.
3. Пораз на Амонци и Арамејци
15Кога Аморејците видоа дека Израелците ги поразија, ги собраа повторно своите чети. 16Адар-Езер испрати гласници и ги собра Арамејците што се од онаа страна на Реката. Тие дојдоа во Елам под водството на Совак, војвода на Адар-Езеровата војска. 17Откако му го јавија тоа на Давида, тој ги собра сите Израелци и, откако помина преку Јордан, дојде во Елам. Арамејците се наредија против Давида и започнаа бој со него. 18Ама Арамејците удрија во бегство пред Израелците, и Давид им истепа седум стотини коњи на бојните коли и четириесет илјади пешаци; го погуби и нивниот војвода Совак, та умре таму. 19А кога сите цареви, Адар-Езерови подвластеници, видоа дека Израел ги порази, склучија мир со Израел и почнаа да му служат. А Арамејците веќе не се осмелуваа да им помагаат на Амонците.

Селектирано:

2 САМОИЛ 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се