2 САМОИЛ 13
13
ДАВИДОВИ ИСКУШЕНИЈА И ТАГИ
13:1-18:33
А. Амнон и Тамара
1. Амноново родоосквернување
1А потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше убава сестра по име Тамара, и во неа се вљуби Давидовиот син Амнон. 2Амнон се измачуваше толку што речиси се разболе заради својата сестра Тамара: зашто таа беше девица, па Амнон не гледаше можност да ѝ направи што и да било. 3Ама Амнон имаше пријател по име Јонадав, син на Давидовиот брат Сама; а Јонадав беше мошне снаодлив. 4И тој го праша Амнона: „Откаде е тоа, царски сину, што си млитав секое утро? Нема ли да ми кажеш?“ А Амнон му одговори: „Вљубен сум во Тамара, сестрата на својот брат Авесалом.“ 5А Јонадав му рече: „Легни во постела и направи се болен, па кога ќе дојде татко ти да те посети, ти речи му: ‘Дозволи да дојде мојата сестра Тамара да ми даде да јадам; ако таа зготви јадење пред моите очи, да го видам тоа, тогаш ќе јадам од нејзината рака.’“ 6И така, Амнон легна и се преправи болен. Кога дојде царот да го посети, Амнон му рече на царот: „Дозволи да дојде мојата сестра Тамара за да зготви пред моите очи неколку колачи и јас ќе се закрепнам од нејзината рака.“ 7Тогаш Давид ѝ порача на Тамара во дворецот: „Оди во куќата на брата си Амнона и зготви му јадење!“ 8Тамара отиде во куќата на својот брат Амнон. А тој лежеше. Таа зеде брашно, го замеси, направи колачиња пред неговите очи и ги испече. 9Потоа зеде сад и ги стави пред него, но Амнон не сакаше да јаде, туку рече: „Испрати ги сите оттука!“ И сите излегоа од кај него. 10Тогаш Амнон ѝ рече на Тамара: „Донеси ми го јадењето во спалната, за да се поткрепам од твојата рака!“ И Тамара ги зеде колачињата што ги беше зготвила и му ги донесе на брата си Амон во спалната. 11А кога му пружи за да јаде, тој ја фати со раката и ѝ рече: „Дојди, моја сестро, легни со мене!“ 12А таа му рече: „Немој, брату мој! Не ме срами, зашто така не се прави во Израел. Не прави таков срам! 13Каде би се криела јас со мојот срам? А и ти ќе бидеш како бесрамник во Израел! Туку зборувај со царот: тој нема да ме одрече за тебе!“ 14Ама тој не сакаше да ја послуша, и бидејќи посилен од неа, ја совлада и легна со неа. 15Тогаш ја замрази веднаш со силна омраза, та омразата со која ја замрази беше поголема од љубовта со која ја љубеше порано. И ѝ рече Амнон: „Стани! Оди си!“ 16А таа му одговори: „Не, брату мој! Ако ме избркаш сега, тоа ќе биде поголемо зло од она што си ми го направил!“ Ама тој не сакаше да ја слуша, 17туку го повика момокот што му служеше и му заповеда: „Избркај ја сега оваа од кај мене, исфрли ја и заклучај ја вратата зад неа!“ 18А таа имаше на себе облека разнобојна, зашто некогаш во такви облеки ги облекуваа царските ќерки додека беа девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата зад неа. 19Тогаш Тамара зеде пепел и се посипа по главата, ја раскина шарената облека што ја имаше на себе, ја стави раката на главата и си отиде викајќи гласно додека одеше.
2. Авесаломова одмазда
20А нејзиниот брат Авесалом ја праша: „Дали можеби твојот брат Амнон беше со тебе? Ама сега, сестро моја, молчи: брат ти е! Не земај го тоа на срце!“ Така Тамара остана осамена во куќата на својот брат Авесалом. 21Кога царот Давид чу сѐ што се случило, многу се разгневи. 22А Авесалом не му рече на Амнона ни збор, зашто Авесалом го замрази Амнона што му ја засрами сестрата Тамара.
23А по две години Авесалом ги стрижеше овците во Вал-Асор, кај Ефрема; и Авесалом го повика сето царско семејство. 24Авесалом дојде кај царот и му рече: „Еве, твојот слуга ги стриже овците, па нека царот и неговите дворјанци се удостојат да дојдат кај својот слуга.“ 25Ама царот му одговори на Авесалома: „Не, сине, не ќе дојдеме сите, за да не ти бидеме на товар.“ Авесалом настојуваше, но тој не сакаше да оди, туку го благослови и го пушти. 26Ама Авесалом продолжи: „Ако не сакаш ти, дозволи тогаш мојот брат Амнон да тргне со нас.“ А царот го праша: „Зошто да иде со тебе?“ 27Ама Авесалом и натаму навалуваше, та најпосле Давид ги пушти со него Амнона и сите царски синови. 28И им заповеда на своите слуги вака: „Внимавајте! Кога ќе му се развесели срцето на Амнон од вино и кога јас ќе ви викнам: ‘Убијте го Амнона!’ тогаш погубете го! Не бојте се, зашто така ви заповедам! Охрабрете се и покажете се јунаци!“ 29И Авесаломовите слуги направија со Амнон како што им заповеда Авесалом. Тогаш сите царски синови станаа, ги јавнаа секој својата мазга и избегаа.
30Додека тие уште беа на пат, на Давида му дојде ваква вест: „Авесалом ги истепа сите царски синови, ниеден од нив не остана.“ 31Царот стана, ги раскина своите облеки и се фрли на земја; и сите негови дворјанци кои што стоеја околу него ги раскинаа своите облеки. 32Ама Јонадав, синот на Давидовиот брат Сама, проговори вака: „Нека не зборува мојот господар дека ги погубиле сите млади луѓе, царските синови, зашто загина само Амнон: зашто преку Авесаломовата уста беше решено од оној ден, кога Амнон ја засрами неговата сестра Тамара. 33Затоа сега мојот господар и цар нека не мисли во срцето дека загинаа сите царски синови. Загина само Амнон.“
3. Авесаломово бегство во Гесур
34А Авесалом избега. А момчето што беше на стража ги подигна очите и согледа мноштво народ како слегува по патот зад него, отаде планината. 35И Јонадав му рече на царот: „Еве, стигнаа царските синови! Се случи како што ти рече твојот слуга.“ 36Туку што го изрече тоа, а царските синови влегоа и заплакаа со сиот глас; а и царот и сите негови слуги плачеа силно.
37Авесалом пак беше избегал и беше отишол кај Талмај, синот Амијудов, гесурски цар. А Давид тажеше по својот син непрекратно. 38А бидејќи Авесалом избега и отиде во Гесур, остана таму три години. 39И душата на царот Давид копнееше по Авесалома: зашто се утеши за Амноновата смрт.
Селектирано:
2 САМОИЛ 13: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.