Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 21

21
Од Милит до Ерусалим
1Кога се одделивме од нив и отпловивме право, дојдовме во Кос, а на идниот ден во Родос и оттаму во Патара. 2И кога најдовме кораб, што заминуваше за Феникија, влеговме во него, и отпловивме. 3А кога ни се покажа Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари. 4И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павла да не оди горе во Ерусалим. 5И кога ги поминавме тие дни, отидовме оттаму и тргнавме натаму; а тие сите нѐ испратија со жените и децата, надвор од градот; а на брегот клекнавме и се помоливме. 6И кога се простивме едни со други, ние влеговме во бродот, а тие се вратија во своите домови.
7Завршувајќи го пловењето, од Тир стигнавме во Птолемаида, каде ги поздравивме браќата и останавме при нив еден ден. 8А на идниот ден отпатувавме и дојдовме во Ќесарија и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седуммината, и останавме при него. 9Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа. 10Бидејќи престојувавме таму многу дни, еден пророк, по име Агав, дојде од Јудеја. 11И кога дојде при нас го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: „Светиот Дух го вели ова: ‘Човекот, чиј е овој појас, Јудејците, во Ерусалим, така ќе го врзат и ќе го предадат во рацете на народите’.“ 12Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим. 13Тогаш Павле одговори: „Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.“ 14И бидејќи не можевме да наговориме, ние молкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!“ 15По тие денови се приготвивме и отидовме горе во Ерусалим. 16Со нас тргнаа и некои ученици од Ќесарија и нѐ одведоа при некој Мнасон, Кипарец, дамнашен ученик, за да бидеме негови гости.
Во Ерусалимската црква
17Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија радосно. 18На идниот ден Павле отиде со нас при Јакова, а сите старешини беа присутни. 19И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сѐ што Бог, преку неговата служба, направи меѓу народите.
20А кога го чуја тоа, Го прославија Бога и му рекоа: „Гледаш брате, колку илјади верни има меѓу Јудејците, и сите ревнуваат за Законот; 21а за тебе се известени дека сите Јудејци, кои се меѓу народите, ги учиш да отстапат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат своите деца, ниту да ги држат обичаите. 22И така, што сега!? Бездруго ќе чујат дека си дошол. 23Затоа направи како што ќе ти кажеме: меѓу нас има четири мажи, кои се заветувале; 24земи ги и очисти се со нив и плати за нив да си ги истрижат главите. Така сите ќе научат дека нема ништо од она, што чуле за тебе, и дека и самиот го исполнуваш Законот. 25А за народите, кои ја примиле верата, одлучивме и им пишавме: да се воздржуваат од жртвувано на идоли; и од крв, и од удавено, и од блудство.“ 26Тогаш Павле ги зеде со себе тие мажи; и на идниот ден, откако се очисти со нив заедно влезе во Храмот и објави кога ќе свршат деновите на очистувањето, кога за секој од нив ќе биде принесена жртва.
Павле фатен во Храмот
27А кога седумте денови требаше да се свршат, Јудејците од Азија го забележаа во Храмот, го побунија целиот народ и ги ставија рацете на него, 28викајќи: „Израелци, помагајте! Овој е човекот, кој насекаде ги учи сите против народот, против Законот и против ова место! Освен тоа ги воведе и Грците во Храмот и така го онечисти ова свето место!“ 29Имено, тие го видоа порано во градот со него Ефесецот Трофим и мислеа дека Павле го воведе во Храмот. 30И целиот град се разбранува и народот се собра, го фатија Павла и го извлекоа надвор од Храмот, а веднаш ја затворија вратата. 31И кога сакаа да го убијат, дојде глас до заповедникот на четата, дека целиот Ерусалим е во врева. 32И тој веднаш зеде војници и стотници и дотрча до нив. Тие пак кога ги видоа заповедникот и војниците прекратија да го тепат Павла. 33Тогаш заповедникот му се приближи, го фати и заповеда да го врзат во двојни вериги; и распрашуваше кој е и што направил. 34Едни од народот викаа едно, а другите друго; бидејќи од викотницата не можеше ништо веродостојно да научи, заповедникот заповеда да го одведат во тврдината. 35А кога беше на скалите, војниците требаше да го носат заради нафрлувањето на народот; 36зашто множество народ врвеше по него и викаше: „Погубете го!“
37И кога требаше да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: „Смеам ли да ти речам нешто?“ Овој пак рече: „Знаеш ли грчки! 38Да не си ти оној Египтјанин, кој пред овие денови побуни и одведе во пустината четири илјади мажи разбојници?“ 39А Павле одговори: „Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на познатиот град од Киликија, и те молам да ми одобриш да му проговорам на народот!“ 40И кога му дозволи, Павле застана на скалите и му мавна со рака на народот. А кога настана голема тишина, проговори на еврејски јазик и рече:

Селектирано:

ДЕЛА 21: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се