ДЕЛА 23
23
1А Павле погледна кон Синедрионот и рече: „Мажи браќа, јас живеев со наполно чиста совест пред Бога до овој ден.“ 2Тогаш првосвештеникот Ананиј им нареди на оние, кои стоеја до него, да го удрат по устата. 3Тогаш Павле му рече: „Бог ќе те удри тебе, варосан ѕиду! И ти седиш за да ми судиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот!“ 4А оние, кои стоеја наоколу рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го хулиш?“ 5И Павле рече: „Не знаев, браќа, дека е првосвештеник; зашто е напишано: „Не зборувај лошо за началникот на својот народ!“ 6Бидејќи Павле знаеше дека едниот дел се садукеи, а другиот фарисеи, извика во Синедрионот: „Мажи браќа, јас сум фарисеј, син фарисеев; ме судат заради надежта во воскресението на мртвите.“ 7И кога го рече тоа, настана расправа меѓу фарисеите и садукеите, и собирот се раздели; 8зашто садукеите велат дека нема воскресение, ни ангели, ни дух, а фарисеите ги признаваат и двете. 9Така настана голема врева. И некои книжевници од фарисејската странка станаа и се препираа, велејќи: „Не наоѓаме никакво зло во овој човек, и ако му зборувал дух или ангел, тогаш да не му се противиме на Бога.“ 10И бидејќи расправата стана голема, заповедникот се исплаши да не го раскинат Павла, ѝ заповеда на војската да слезе и да го грабне од нивна средина, и да го одведат во тврдината. 11Идната ноќ Господ застана пред него и му рече: „Не бој се, Павле! Секако, како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим.“
Заговор против Павла
12И кога се раздени Јудејците се собраа и се заколнаа, дека не ќе јадат ниту ќе пијат додека не го убијат Павла. 13Беа повеќе од четириесет, кои ја дадоа таа заклетва. 14Тие дојдоа при првосвештениците и старешините и им рекоа: „Се заколнавме со заклетва, дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павла. 15Затоа вие, сега, заедно со Синедрионот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу при вас, како да сакате поточно да го испитате неговото дело; а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи.“ 16Но синот на Павловата сестра чу за заседата, дојде и влезе во тврдината и му јави на Павла. 17А Павле повика еден од стотниците и рече: „Одведи го момчево при заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!“ 18Стотникот го зеде и го одведе при заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и ме замоли да го доведам при тебе ова момче, зашто има да ти каже нешто.“ 19Тогаш заповедникот го зеде за рака и се повлече со него насамо и го праша: „Што има да ми соопштиш?“ 20А тој рече: „Јудејците се договорија да те замолат да го одведеш утре Павла долу, во Синедрионот, како да сакаат поточно да се распрашаат за него. 21Но немој да ги послушаш, зашто го дебнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа, да не јадат ниту да пијат додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување.“ 22Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: „Не кажувај никому, дека ми го јави ова.“
23И повика двајца од стотниците и рече: „Пригответе двеста војници, седумдесет коњаници и двеста стрелци, за да тргнат за Ќесарија во третиот час на ноќта. 24Пригответе и добиток, за да го качат Павла и да го одведат безбедно до управителот Феликс!“ 25И напиша писмо со следнава содржина: 26“Клаудиј Лисиј до угледниот управител Феликс - поздрав! 27Овој маж го фатија Јудејците и сакаа да го убијат; јас дојдов со војската и го извлеков, кога научив дека е Римјанин. 28Сакајќи да ја научам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Синедрион. 29И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања на нивниот Закон, но дека нема никаква вина, која заслужува смрт или окови. 30А кога ме известија дека се подготвува напад против овој човек, веднаш го испратив при тебе и обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него. Биди здрав!“
31Тогаш војниците го зедоа Павла, според дадената им заповед, и го одведоа ноќе во Антипатрида; 32а утреден ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината. 33А кога влегоа во Ќесарија, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павла. 34А кога го прочита писмото, го праша од која област е, и научи дека е од Киликија; 35му рече: „Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители.„ И заповеда да го чуваат во Иродовата преторија.
Селектирано:
ДЕЛА 23: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.