ДЕЛА 27
27
На пат за Рим
1А кога беше решено да отпловиме за Италија, му ги предадоа Павла и некои други затвореници на еден стотник од Августовата чета, по име Јулие. 2Влеговме во еден адрамиски брод, кој ќе пловеше во азиски приморски места и испловивме; со нас беше Аристарх, Македонец од Солун. 3На другиот ден пристигнавме во Сидон, и Јулие - кој постапуваше човекољубиво со Павла, му дозволи да отиде при своите пријатели, за да се погрижат за него. 4А кога тргнавме оттаму, пловевме во завет под Кипар, зашто ветровите беа спротивни. 5Откако го препловивме морето покрај Киликија и Памфилија, стигнавме во Ликиска Мира. 6Таму стотникот најде еден александриски брод, што пловеше за Италија, и нѐ префрли во него. 7Повеќе денови пловевме бавно и одвај стигнавме спроти Книд; бидејќи ветерот ни пречеше да допловиме таму, пловевме покрај Салмона, во завет на Крит. 8Пловејќи со мака покрај брегот, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое беше градот Ласеја.
9Но кога помина многу време, а пловењето веќе беше опасно, зашто и постот веќе беше минал, Павле ги советуваше, 10велејќи им: „Мажи, гледам дека пловењето ќе биде со мака и со голема загуба не само за товарот и бродот, туку и за нашите души.“ 11Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот отколку на Павловите зборови. 12Бидејќи пристаништето не беше згодно за зимување, повеќето одлучија да се отплови оттаму, - за да стигнат, ако некако би било возможно, до критското пристаниште Финик, што гледа кон југозапад и северозапад, и да презимуваат таму. 13А кога дувна јужниот ветер, помислија дека можат да ја остварат својата намера, ја дигнаа котвата и запловија сосем покрај Крит. 14Но скоро после тоа задува од Крит бурен ветер, наречен североисточник; 15и кога го зафати коработ, кој не можеше да му се противставува на ветерот; му се предадовме и така нѐ носеше; 16и кога поминувавме на завет на едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го фатиме чунот, 17и кога го подигнаа на коработ, ги употребија помошните средства и го изврзаа коработ. Но, боејќи се да не удрат во Сирт, ги спуштија платната и така беа носени натаму. 18Бидејќи нѐ зафати жестока бура, на другиот ден почнаа да го исфрлаат товарот; 19а на третиот ден со свои раце ја исфрлија опремата од коработ. 20Бидејќи повеќе денови не се покажаа ни сонцето ни ѕвездите, а силната бура не попушташе, најпосле исчезна секоја надеж дека ќе се спасиме. 21А после долго нејадење, Павле застана меѓу нив и рече: „Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа неволја и штета. 22И сега ве опоменувам да бидете бодри, зашто ниедна душа од вас нема да се изгуби, освен коработ. 23Зашто ангел од Бога, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска, 24и рече: „Не бој се, Павле! Ти треба да дојдеш пред ќесарот, и еве, Бог ти ги подарува сите, кои пловат со тебе.“ 25Затоа, мажи, бидете смели! Зашто Му верувам на Бога, дека ќе биде така како што ми е ветено. 26Но, ние треба да бидеме исфрлени на некој остров.“
27А кога настапи четиринаесеттата ноќ, откако бевме терани таму-ваму по Адрија, околу полноќ, бродарите почувствуваа дека се приближуваме до некоја земја. 28Го фрлија висакот за мерење на длабочина и најдоа дваесет фати, длабочина. Малку потаму го фрлија пак и најдоа петнаесет фати. 29Боејќи се да не удриме во гребените, спуштија четири котви од задниот дел на бродот; и чекаа да се раздени. 30А кога бродарите сакаа да побегнат од бродот и го спуштија чунот во морето, под изговор дека сакаат да ги спуштат котвите од предниот дел на бродот, 31Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на бродот, вие не можете да се спасите!“ 32Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне. 33А пред разденување, Павле ги молеше сите да јадат и рече: „Денес е четиринаесеттиот ден, како чекате и поминувате без јадење, не вкусувајќи ништо. 34Затоа ве молам да јадете, зашто тоа е за вашето избавување. На ниеден од вас нема да му пропадне ни влакно од главата.“ 35И кога го рече тоа зеде леб и Му благодари на Бога пред сите, го раскрши и почна да јаде. 36И сите се ободрија, па и самите јадеа. 37А во бродот нѐ имаше вкупно двеста седумдесет и шест души. 38Кога се наситија, го олеснија бродот, исфрлајќи ја пченицата во морето.
Бродолом
39А кога се раздени, не ја препознаа земјата, но забележаа еден залив со достапен брег и одлучија таму да го натераат бродот, ако биде возможно. 40Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето, ги разлабавија и јажињата на кормилата и го кренаа предното едро спроти ветерот, и пловеа кон брегот. 41А кога удрија во гребен, кому му е морето од двете страни, го истераа бродот во плитко, така што предниот дел наседна и остана неподвижен, а задниот дел се кршеше од силата на брановите. 42Војниците пак наумија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне. 43Но стотникот, сакајќи да го спаси Павла, ја спречи нивната намера; и заповеда најнапред да скокнат оние, кои знаат да пливаат, и да излезат на земјата, 44а другите - едни на даски, а други на какви и да било предмети од бродот. И така стана - сите се спасија на копното.
Селектирано:
ДЕЛА 27: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.