ДЕЛА 6
6
Избирање на ѓакони (служители)
1Во тие денови, кога учениците се намножија, елинистите се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа запоставувани при секојдневното делење на помош. 2Тогаш Дванаесетмината ги повикаа сите ученици и рекоа: „Не е право ние да го оставиме Божјото Слово и да служиме околу трпезите. 3Затоа, браќа, најдете меѓу себе седум мажи, добро посведочени, полни со Дух Свети и мудрост, на кои да им ја довериме таа должност, 4а ние и натаму ќе им се посветиме на молитвата и на службата на словото. 5И предлогот му се допадна на целото множество, па ги избраа: Стефана, маж полн со вера и со Светиот Дух, потоа: Филипа, Прохора, Никанора, Тимона Пармена, и Никола, прозелит од Антиохија. 6Нив ги поставија пред апостолите; а овие, кога се помолија, ги положија рацете на нив.
Напад на Стефана
7А Божјото слово растеше и бројот на учениците во Ерусалим се зголемуваше многу. И големо множество свештеници ѝ се потчинија на верата.
8А Стефан, полн со благодат и сила, правеше големи чудеса и знаци во народот. 9Но станаа некои од Синагогата наречена на Либертинците, на Киринејците, на Александријците и на оние од Киликија и Азија, и се препираа со Стефана. 10И не можеа да им се спротиват на мудроста и на Духот, со кој зборуваше. 11Тогаш наговорија луѓе, кои изјавија: „Го чувме како хули против Мојсеја и Бога.“ 12Така ги побунија и народот, и старешините, и книжевниците, и нападнаа на него, го фатија и го изведоа пред Синедрионот. 13Поставија и лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек непрекратно хули против ова свето место и Законот, 14зашто чувме како зборува дека Овој Исус Назареецот, ќе го разурне ова место и ќе ги измени обредите, што ни ги предаде Мојсеј.“ 15А сите, кои седеа во Синедрионот го насочија погледот во него и видоа дека лицето му е слично на лице на ангел.
Селектирано:
ДЕЛА 6: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.