Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕФЕСЈАНИТЕ 2

2
Преку благодат сме повикани во едно Христово Тело
1И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, 2во кои живеевте некогаш според векот на овој свет, според кнезот на воздушните сили - духот, кој дејствува сега меѓу синовите на непокорноста. 3Меѓу овие, и ние живеевме некогаш во своите телесни страсти, извршувајќи ги похотите на телото и на помислите и бевме по природа чеда на гневот како и сите други. 4Но Бог, Кој е богат во милост - поради Својата голема љубов со која нѐ возљуби нас, 5нѐ оживе заедно со Христа и нас, кои бевме мртви поради нашите гревови, - по благодат сте спасени! - 6и со Него нѐ воскресна и со Него нѐ седна во небесните места, во Христа Исуса, 7та, во идните векови да го покаже преголемото богатство на Својата благодат, според Својата добрина кон нас во Христа Исуса. 8Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите - тоа е Божји дар! 9Не од делата, за да не се фали некој. 10Имено, Негово дело сме, создадени во Христа Исуса, за добри дела, кои Бог ги подготви однапред, за да живееме во нив.
11Затоа спомнувајте си, дека вие, кои некогаш бевте незнабошци по тело, и наречувани необрезани од оние, кои се наречуваа обрезани, и кои се тоа по телото, по човечко дело; 12во она време бевте без Христа, оттуѓени од израелското општество, и туѓи на заветите на ветувањето, без надеж и без Бога во светот. 13А сега во Христа Исуса, вие кои некогаш бевте далеку, станавте близу преку Христовата крв. 14Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двете направи едно, и го разурна преградниот ѕид, што ги делеше, 15и во Своето тело го уништи непријателството и законот со неговите заповеди и одредби, и создавајќи мир, од двата да создаде во Себе еден нов човек, 16и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уби врз него непријателството. 17Тој дојде да ви проповеда мир на вас, кои бевте далеку и мир на оние, кои беа близу: 18зашто преку Него, и едните и другите, имаме пристап при Таткото во еден Дух. 19Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојденици, туку сте сограѓани на светите и домашни на Бога, 20надѕидани врз основата на апостолите и пророците, а аголниот камен е Самиот Христос Исус, 21врз Кого целата стројно составена зграда расте во свет храм во Господа, 22врз кого и вие во Духот заедно се соѕидувате во Божјо живеалиште.

Селектирано:

ЕФЕСЈАНИТЕ 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се