ИЗЛЕЗ 18
18
1А Јотор, мадијамски свешетеник, Мојсеев дедо, чу сѐ што направи Бог за Мојсеја и за целата израелска заедница, и како Господ ги избави Израелците од Египет. 2Тогаш Мојсеевиот дедо, Јотор, ја поведе Сепфора, Мојсеевата жена - која Мојсеј ја беше вратил назад - 3и обата нејзини синови. На едниот името му беше Гирсам, а тоа ќе рече: „Бев придојденец во туѓа земја.“ 4Вториот се викаше Елиезер, односно: „Бог на мојот татко ми беше на помош и ме спаси од фараоновиот меч.“ 5Така Мојсеевиот дедо, Јотор, ги поведе кон Мојсеја во пустината, каде Мојсеј се влогори на Божјата Гора, неговите синови и неговата жена. 6Му порача на Мојсеја: „Јас, твојот дедо Јотор, доаѓам при тебе со твојата жена и со двата нејзини синови.“ 7Мојсеј му излезе во пресрет на својот дедо; му се поклони длабоко и го прегрна. Откако се распрашаа за здравјето, влегоа во шаторот. 8Тогаш Мојсеј му раскажа на својот дедо за сѐ што Господ му стори на фараонот и на Египетците заради Израелците; за сите незгоди што ги снајдоа патем, ама Господ ги избави од нив. 9Јотор се радуваше за сето добро што Господ им го направи на Израелците и дека ги ослободи од египетските раце.
10„Нека е благословен Господ, Кој ве избави од египетските раце и од фараоновите раце - рече Јотор. 11Сега знам дека Господ е изнад сите богови, зошто го избави народот од под египетската власт, кога постапуваа жестоко со него.“ 12Потоа Јотор, Мојсеевиот дедо, Му принесе жртва паленица и принос на Бога. Тогаш дојдоа Арон и сите израелски старешини да јадат леб на гозба пред Господа.
Назначување на судии.
13Утреден Мојсеј седна да му дели правда на народот. Народот стоеше околу него од утрото до мракот. 14Откако го виде Мојсеевиот дедо целиот труд што тој го правеше за народот, му рече: „Што правиш тоа со народот? И зошто седиш сам, а целиот народ стои околу тебе од утро до мрак?“ 15„Народот доаѓа при мене - му одговори Мојсеј - за да се посоветува со Бога. 16Кога имаат препирка меѓу себе, доаѓаат кај мене. Јас тогаш пресудувам меѓу едниот и другиот; им ги изложувам Божјите закони и одредби.“ 17„Не е добро како што работиш - му одговори дедото на Мојсеја. 18И ти и тој народ со тебе ќе се исцрпите целосно. Таа работа е претешка за тебе; сам не можеш да ја вршиш. 19Послушај ме. Ќе те советувам, и Бог ќе биде со тебе! Ти застапувај го народот пред Бога; изнесувај ги нивните спорови пред Бога. 20Поучувај ги за законите и одредбите; покажувај им го патот по кој треба да одат, упатувај ги во дела што треба да ги вршат. 21Тогаш, избери од целиот народ способни луѓе, кои се бојат од Бога, и праведни, кои го мразат поткупот, па постави ги за главатари на народот: илјадници, стотници, педесетници и десетници. 22Нека му судат на народот во секое време. Сите поголеми случаи нека ги изнесуваат пред тебе, а за помалите нека пресудуваат сами. Олесни си го бремето: нека го носат тие со тебе. 23Ако направиш така и Бог ти го одобри тоа, ќе можеш да издржиш, и сиот овој народ ќе си оди дома во мир.“ 24Мојсеј го послуша советот на својот дедо и направи како што го посоветува. 25Мојсеј избра способни луѓе од сите Израелци па ги постави за главатари на народот: илјадници, стотници, педесетници и десетници. 26Тие му судеа на народот во секое време. Потешките случаи му ги изнесуваа на Мојсеја, а за помалите решаваа сами. 27Потоа Мојсеј го отпушти својот дедо, и тој отиде во својата земја.
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 18: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
![None](/_next/image?url=https%3A%2F%2Fimageproxy.youversionapistaging.com%2F58%2Fhttps%3A%2F%2Fweb-assets.youversion.com%2Fapp-icons%2Fmk.png&w=128&q=75)
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.