ИЗЛЕЗ 25
25
ШАТОР ВО ПУСТИНА
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Кажи им на Израелците да Ме даруваат, а вие примајте ги даровите во Моја чест од секој што дава од срце. 3А примајте ги овие дарови: злато, сребро и бронза; 4љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен; 5готови овновски кожи, па убави кожи; ситимово дрво; 6масло за осветлување; мириси за масло за помазание и за мирисливо кадење; 7оникс и други бесцени камења, што ќе бидат вметнати во наплеќникот и врзградникот. 8Нека Ми изградат Светилиште, за да можам да престојувам меѓу нив. 9При градењето на Престојувалиштето и на сѐ во него, постапи точно според образецот што ќе ти го покажам.“
Ковчег на Заветот
10„Нека направат ковчег од багремово дрво: долг два ипол лакти, широк лакот ипол и висок лакот ипол. 11Опкови го со чисто злато, опкови го однадвор и внатре; а околу него стави завршен појас од злато. 12Излеј за него четири златни колца од едната страна, а две колца од другата. 13Направи и две ластегарки од багремово дрво и опкови ги со злато. 14Потоа провни ги ластегарките низ колцата од страната на Ковчегот, за да биде носен Ковчегот врз нив. 15Нека останат ластегарките во колцата на Ковчегот; нека не се извлекуваат. 16Сведоштвото што ќе ти го дадам, положи го во Ковчегот. 17Очистилиштето направи го исто така од чисто злато. Нека биде долго два ипол лакти, а широко лакот ипол. 18Искови и два херувима од злато за двата краја на Очистилиштето. 19Направи еден херувим за едниот крај, а другиот херувим за другиот крај. Прицврсти ги на двата краја на Очистилиштето, да составуваат еден дел со него.
20Херувимите нека ги рашират своите крилја во височина така што ќе го засолнуваат со крилјата Очистилиштето. Нека бидат со лицето свртени еден кон друг, ама така да лицата на херувимите гледаат во Очистилиштето. 21Очистилиштето стави го на Ковчегот, а во Ковчегот положи ги плочите на Сведоштвото што ќе ти ги дадам. 22Тука ќе се состанувам Јас со тебе и одозгора, од над Очистилиштето - меѓу оние два херувима што се на Ковчегот на плочите на Сведоштвото - ќе ти ги соопштувам сите заповеди наменети на Израелците.“
Стол и лебни приноси
23„Направи стол од багремово дрво долг два лакта, широк лакот, а висок лакот ипол. 24Опкови го со чисто злато и направи му наоколу завршен појас од злато. 25Направи му раб широк една дланка, а потоа врз работ стави завршен појас од злато. 26Натаму, исправи ги неговите четири колца од злато па прицврсти му ги на неговите четири ножни агли. 27Колцата нека се непосредно под работ, за да служат како рачки за носење на столот. 28Направи ги ластегарките од багремово дрво и опкови ги со злато. Столот ќе биде носен на нив. 29Потоа направи за него: чинии, варилки, врчви и чаши за излевање на приносите. Направи ги од чисто злато. 30На столот секогаш пред Моето лице ставај положени лебови.“
Златен светилник
31„Направи светилник од чисто злато. Светилникот нека биде искован. Неговото подножје, неговото стебло, неговите чаши, чашки и цветови - сѐ нека биде од еден дел. 32Шест гранки нека му излегуваат од страните: три гранки од едната страна на светилникот, а три гранки од другата страна на светилникот. 33На едната гранка нека бидат три чаши во облик на бадемов цвет, секоја со чашка и цвет. Така за сите шест гранки што излегуваат од стеблото на светилникот. 34На самиот светилник нека бидат четири чаши во облик на бадемов цвет, секоја со чашка и цвет. 35Една чашка под двете гранки, создавајќи едно парче со нив; потоа чашка под другите две гранки, од едно парче со нив. Така за сите шест гранки што излегуваат од светилникот. 36Нивните чашки и нивните кракови ќе составуваат едно парче со нив - сѐ исковано во едно парче од чисто злато. 37Направи и седум светилки за нив. Светилките нека бидат поставени така што ќе го осветлуваат пространството однапред. 38Машичките и пепелниците за нив нека се од чисто злато. 39Употреби еден талант чисто злато за светилникот и за сиот негов прибор. 40Внимавај! Направи ги според образецот што ти беше покажан на гората.“
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 25: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
![None](/_next/image?url=https%3A%2F%2Fimageproxy.youversionapistaging.com%2F58%2Fhttps%3A%2F%2Fweb-assets.youversion.com%2Fapp-icons%2Fmk.png&w=128&q=75)
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.