ЕЗРА 8
8
Г. Список на Езрини сопатници
1Еве ги главатарите на татковските домови со родословието, кои тргнаа со мене од Вавилон за време на владеењето на царот Артаксеркс: 2Од Финесовите синови: Гирсом; од Итамаровите синови: Даниел; од Давидовите синови: Хатус, 3Сеханиевите синови; од Фаросовите синови: Захариј и со него запишаните сто и педесет мажи; 4од Фат-Моавовите синови: Елјоенај, син Зераин, и со него триста мажи; 5од Затуовите синови: Сеханиј, син Јасилов, и со него триста мажи; 6од Адиновите синови: Евед син Јонатанов, и со него педесет мажи; 7од Еламовите синови: Исаиј, син Аталиин, и со него седумдесет мажи; 8од Сефатиините синови: Зевадиј, син Михаилов, и со него осумдесет мажи; 9од Јоавовите синови: Овадиј, син Јехиелов, и со него двеста и осумнаесет мажи; 10од Баниевите синови: Селомит, син Јосифиин, и со него сто и шеесет мажи; 11од Виваевите синови: Захариј, син Виваев, и со него дваесет и осум мажи; 12од Азгадовите синови: Јоанан, син Акатанов, и со него сто и десет мажи; 13од последните Адоникамовите синови по име: Елифелет, Јеило и Семај, и со нив шеесет мажи; 14и од Вигваевите синови: Гутај, син Завудов, и со него седумдесет мажи.
Д. Повик кон левити и нетинци
15Ги собрав кај реката што тече кон Ахава. Се влогоривме таму за три дни. Го прегледав народот и свештениците, но не најдов ниеден левит таму. 16Тогаш ги испратив главатарите Елиезер, Ариел, Семај, Елнатан, Јарив, Елнатан, Натан, Захариј, Месулам, и учителите Јојарив и Елнатан 17и му ги испратив на Идон, главатар на местото Касифија. Ги ставив во нивната уста зборовите што ќе им ги речат на Идон и на неговите браќа, кои се наоѓаа во местото Касифија, за да ни најдат слуги за Домот на нашиот Бог. 18Милостивата рака на нашиот Бог беше над нас, и тие ни доведоа разумен човек од синовите на Малиј, син Левиев, син Израелов: Серевиј со неговите синови и браќа - нив осумнаесет. 19Уште Асавиј и со него неговиот брат Исаиј, син Мерариев, и нивните синови, нив дваесет. 20А од прислужниците, кои што Давид и главатарите ги поставија за левити за да им служат: двеста и дваесет прислужници. Сите беа запишани по име.
Ѓ. Враќање во Ерусалим
1. Прогласување пост
21Јас прогласив пост таму, покрај реката Ахава: за да се смириме пред својот Бог и за да измолиме од Него среќен пат за себе, за своите деца и за сиот свој добиток. 22Зашто би се срамувал да замолам војска и коњаници од царот, за да нѐ заштитуваат патем од непријателот; напротив му изјавивме на царот: „Раката на нашиот Бог е испружена да ги благослови сите оние, кои Го бараат; Неговата сила и Неговиот гнев се над оние, кои го оставаат.“ 23И така постевме и Го молевме својот Бог за тоа, и Тој нѐ послуша.
2. Прилози за Храмот
24Избрав дванаесет свештенички главатари, Серевиј и Асавиј, и со нив десетмина нивни браќа; 25им измерив сребро, злато и посатки; дарови што царот, неговите советници, кнезовите и сите Израелци ги подарија за Домот на нашиот Бог. 26Измерив и ставив во нивните раце шест стотини и педесет таланти сребро, сто сребрени посатки од по два таланта, сто таланти злато, 27дваесет златни чаши од илјада дарици и две врчви од добро позлатена бронза, скапоцени како злато. 28И им реков: „Вие сте Му посветени на Господа; ова се посветени посатки; ова сребро и злато Му се подарени доброволно на Господа, на Бога на вашите татковци. 29Пазете го и чувајте го сѐ ова додека не го измерите пред свештеничките главатари и пред левитите и пред главатарите на Израелевите домови во Ерусалим, во ризниците на Господовиот Дом.“ 30И така, свештениците и левитите ги примија измереното сребро, злато и посатките, за да ги однесат во Ерусалим, во Домот на нашиот Бог.
3. Езрино пристигање во Ерусалим
31Во дванаесеттиот ден на првиот месец тргнавме од реката Ахава за да отидеме во Ерусалим: раката на нашиот Бог беше над нас; патем Тој нѐ заштитуваше од нападите на непријателите и ограбувачите. 32Стигнавме во Ерусалим и таму се одморувавме три дни. 33На четвртиот ден беа измерени среброто, златото и посатките во Домот на нашиот Бог, и му беше предадено во рацете на Меримот, син Уриин, со кого беше Елеазар, син Финесов; а пред нив беа левитите: Јозавад, син Исусов, и Ноадиј, син Винуев. 34Сѐ беше на број и по тежина. Тогаш беше забележана целокупната тежина, во тоа време.
35Оние, кои се вратија од заточение, повратниците, Му принесоа жртва паленица на Израелевиот Бог: дванаесет јунци за целиот Израел, деведесет и шест овни, седумдесет и седум јагниња, дванаесет јарци за грев - сѐ тоа како паленица на Господа. 36Потоа им ги предадоа царските повелби на царските намесници и управители оттаде Реката, и тие ги помогнаа народот и Божјиот Дом.
Селектирано:
ЕЗРА 8: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
![None](/_next/image?url=https%3A%2F%2Fimageproxy.youversionapistaging.com%2F58%2Fhttps%3A%2F%2Fweb-assets.youversion.com%2Fapp-icons%2Fmk.png&w=128&q=75)
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.