Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ГАЛАТЈАНИТЕ 3

3
Оправдување преку верата, а не преку Законот
1О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса вас, пред чии очи Исус Христос е јасно нацртан како распнат? 2Сакам само ова да го научам од вас: дали Го примивте Духот врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера? 3Толку ли сте неразумни? Што почнувајќи со Духот, сега сами завршувате со тело? 4Дали толку многу страдавте напразно? Ако е навистина напразно! 5А Оној, Кој ви дава Дух и прави силни дела во вас, дали го прави тоа врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера? 6Како што и Авраам „му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.“ 7И така, признајте, дека Авраамови синови се оние, кои се од верата.
8А и Писмото предвиде, дека Бог преку верата ги оправдува народите, и однапред му го навести Евангелието на Авраама: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“ 9И така, оние, кои веруваат се благословени заедно со верниот Авраам. 10Имено, кои ги прават делата на Законот, под клетва се, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој не е постојан во сѐ што е напишано во Книгата на Законот, да го исполнува тоа.“ 11А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто „праведникот ќе живее од верата.“ 12А Законот не е од верата, туку вели: „Кој ги исполнува, ќе живее преку нив.“ 13Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој виси на дрво!“ - 14Та Авраамовиот благослов да дојде на народите во Христа Исуса, и да Го примиме преку верата ветувањето на Духот.
Христос ослободува од служење на Законот
15Браќа, зборувам по човечки: заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто. 16А ветувањата им беа дадени на Авраама и на неговото семе. И не вели: „и на семињата“, како за мнозина; туку како за еден: „и на твоето Семе“ Кој е Христос. 17Го велам и ова: Законот што стана по четири стотини и триесет години, не го поништува заветот, кого Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето. 18Зашто, ако наследството доаѓа од Законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраама преку ветувањето.
19Тогаш, зошто е Законот? Тој е определен со посредство на ангели, со рака на еден посредник, па е додаден заради престапите, додека не дојде Семето, Кому Му е дадено ветувањето. 20Посредник пак нема таму, каде што е само еден; а Бог е еден. 21Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот. 22Но Писмото сите ги затвори под грев, и врз основа на верата во Исуса Христа ветувањето да им биде дадено на оние, кои веруваат.
23А пред да дојде верата, бевме под стражата на законот, затворени, до времето на верата која требаше да се открие. 24Така, Законот ни беше наш воспитач до Христа, за да се оправдаме преку верата. 25А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувачот. 26Зашто, сите сте Божји синови преку верата во Христа Исуса, 27зашто сите, кои се крстивте во Христа, се облековте со Христа. 28Нема веќе ни Јудеец ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христа Исуса. 29А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето.

Селектирано:

ГАЛАТЈАНИТЕ 3: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се