Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 25

25
Авраамово потомство од Хетура
1Авраам си зеде уште една жена, по име Хетура. 2Таа му ги роди: Земрана, Јоксана, Мадана, Мадијама, Есвока и Шуаха. 3А од Јоксана се родија: Сава и Дедан. Деданови потомци се: Асуримците, Латусимците и Лаомимците. 4Мадијанови синови се: Гефа, Ефер, Енох, Авида и Елдага. Сите тие се Хетурини потомци. 5Авраам го пренесе целиот свој имот на Исака; 6а на синовите на своите соложници Авраам им даде само дарови и уште додека беше жив ги испрати кон исток - далеку од својот син Исак - во Источна Земја.
Авраамова смрт
7Ова е должината на Авраамовиот живот што го проживеа: сто седумдесет и пет години. 8Потоа Авраам почина, умре во чесна старост - стар и полн со години - па им се придружи на своите луѓе. 9Неговите синови, Исак и Исмаил, го погребаа во пештерата Махпела, во нивата на Ефрон, син на Хетеецот Сахар, спроти Мамвриј. 10Тоа е полето што Авраам го купи од Хетевите синови. Таму се погребани Авраам и неговата жена Сáра. 11По Авраамовата смрт Бог го благослови неговиот син Исак. Исак живееше близу Вир-Лахај-Рои.
Исмаилово родословие
12Еве го родословието на Авраамовиот син Исмаил, кого му го роди на Авраама Сáрината слугинка, Египетката Агара. 13А ова се Исмаиловите синови, секој според своето име и раѓање: Исмаиловиот првенец - Навајот, Кидар, Адвеил, Мавсам, 14Масма, Дума, Маса, 15Адад, Тема, Етур, Нафис и Кедма. 16Тоа се Исмаиловите синови и тоа се нивните имиња според нивните населби и шатори: дванаесет кнезови на толку племиња. 17А ова е должината на Исмаиловиот живот: сто и триесет и седум години. Потоа издивна; умре и им се придружи на своите луѓе. 18Неговите потомци се населија од Евил до Сур, што е на исток од Египет, кога се оди кон Асирија. Се населија независно од своите браќа.
Раѓањето на Јаков и Исав
19Ова е родословие на Авраамовиот син Исак: Исак се роди од Авраама. 20Исак беше на четириесет години кога се ожени со Ревека, ќерка на Арамеецот Ватуил од Падан Арам, а сестра на Арамеецот Лаван. 21Исак му се обрати на Бога за својата жена, зашто беше неродилка. Господ го послуша и неговата жена Ревека зачна. 22Но децата се судрија така, во нејзината утроба, што таа извика: „Ако е така, зошто да живеам!“ И отиде да се посоветува со Господа. 23И Господ ѝ рече: „Два народа се во твојата утроба; две племиња ќе се одделат од твоето крило. Едниот народ ќе биде посилен од другиот, повозрасниот ќе му служи на помладиот.“ 24Дојде време да роди, кога ете - близнаци беа во нејзината утроба. 25Се појави првиот. Беше црвен, сиот обрастен како кожна наметка. Затоа го нарекоа Исав. 26Потоа се појави неговиот брат. Со раката се држеше за петицата на Исава. Затоа го нарекоа со името Јаков. Исак имаше шеесет години, кога се родија тие.
Исав му го продава првородството на Јакова
27Кога децата пораснаа, Исав стана искусен ловец, полски човек. Јаков беше кроток човек и живееше во шатори. 28Исав му беше помил на Исака, зашто сакаше дивеч, а Ревека го љубеше повеќе Јакова.
29Еден ден Јаков вареше јадење. Исав дојде од полето, гладен. 30Исав му рече на Јакова: „Дај ми да јадам од црвеното варило, зашто сум гладен.“ Затоа му е името Едом. 31А Јаков одговори: „Отстапи ми го првин своето првородство!“ 32Исав рече: „Еве ме речиси на умирање; зошто ми е првородството!“ 33Јаков продолжи: „Заколни ми се првин!“ Тој му се заколна, и така му го продаде на Јакова своето првородство. 34Тогаш Јаков му даде на Исава леб и варило од леќа. Јадеше и пиеше, па се крена и си отиде. Така Исав го презре своето првородство.

Селектирано:

БИТИЕ 25: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се