БИТИЕ 38
38
Јудин грев со Тамара
1Во тоа време, Јуда замина од своите браќа и се врати при еден Одоламец, чие име беше Ира. 2Тука Јуда ја забележа ќерката на еден Хананец - кој се викаше Суја - и се ожени со неа. 3Ѝ пристапи, па таа зачна и роди син, кому му го даде името Ир. 4Таа зачна пак, роди син, и му го даде името Онан. 5Роди уште еден син и го нарече Шела. Се наоѓаше во Ахдив кога го роди него. 6Јуда го ожени својот првенец Ир со девојка, чие име беше Тамара. 7Но Јудиниот првороденец Ир Го навреди Бога, и Бог го погуби. 8Тогаш Јуда му рече на Онан: „Пристапи ѝ, на вдовицата на брата си, исполни ја кон неа деверската должност и така запази му го потомството на брата си!“ 9Но Онан, знаејќи дека семето нема да се смета за негово, го истуруваше на земја, секогаш кога ќе ѝ пристапеше на братовата вдовица за да не му даде потомство на брата си. 10Тоа што го правеше Го навреди Господа, па го погуби и него. 11Тогаш Јуда ѝ рече на својата снаа Тамара: „Остани вдовица во домот на татка си, додека потпорасне мојот син Шела.“ Имено, се боеше дека и тој би можел да умре, како неговите браќа. И така Тамара отиде да живее во татковиот дом.
12Долго време потоа, почина Сујината ќерка, Јудината жена. Кога помина времето на жалост, Јуда отиде, заедно со својот пријател Одоламецот Ир, во Тамна, за да ги стриже своите овци. 13Ја известија Тамара: „Ене ти го свекорот - ѝ рекоа - на пат за Тамна, за да ги стриже овците.“ 14Таа ја соблече вдовичката облека, се покри со превез и се завитка и седна на влезот во Енаим, што е на патот за Темна. Имено, виде дека Шела порасте, ама неа уште не ја омажија за него. 15Кога Јуда ја виде, помисли дека е блудница, зашто го имаше покриено лицето. 16Тој наврати при неа и рече: „Дај да ти пристапам!“ Не знаеше дека му е снаа. А таа одговори: „Што ќе ми дадеш, за да влезеш при мене?“ 17„Ќе ти испратам едно јаре од своето стадо“, одговори. „Треба да оставиш емство додека не го испратиш.“ 18А тој ја праша: „Какво емство да ти оставам?“ Таа одговори: „Својот печат на врвцата, и стапот што ти е во раката.“ Ѝ ги даде и едното и другото, а потоа ѝ пријде, и таа зачна од него. 19Потоа таа стана и си отиде; го симна од себе превезот и пак ја облече својата вдовичка облека. 20Јуда го испрати јарето, преку својот пријател Одоламецот, да го откупи залогот од рацете на жената, но не можеше да ја најде. 21Ги праша луѓето во местото: „Каде е блудницата, која се наоѓаше покрај патот за Енаим?“ Тие му одговорија: „Тука никогаш немаше блудница.“ 22Така тој се врати при Јуда и рече: „Не можев да ја најдам. Освен тоа, луѓето во местото ми рекоа дека таму никогаш немало блудница.“ 23Јуда рече: „Да не станеме за смеа, нека ги држи! Еве, ѝ го испратив јарево, ама ти не ја најде.“
24Од прилика по три месеци му донесоа вест на Јуда: „Твојата снаа Тамара блудствува, па во блудството и зачнала.“ „Изведете ја - нареди Јуда - па нека биде изгорена!“ 25Додека ја изведуваа, таа му порача на свекорот: „Зачнав од човекот, чие е ова.“ Уште додаде: „Види чии се овој печат на врвцата, и стапов!“ 26Јуда ги препозна и рече: „Таа е поправедна од мене, зашто не ѝ го дадов својот син Шела.“ Но повеќе немаше работа со неа. 27Кога ѝ дојде време да роди, се покажа дека носела близнаци. 28Додека раѓаше, едниот од нив ја испружи раката надвор. Тогаш бабицата врза црвен конец на неговата рака, велејќи: „Овој излезе прв!“ 29Но тој тогаш ја повлече раката, па излезе неговиот брат. А таа рече: „Каков ли пробив направи!“ Затоа му го даде името Фарес. 30Потоа излезе брат му, кој имаше црвен конец околу раката. Него го нарекоа Зара.
Селектирано:
БИТИЕ 38: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.