БИТИЕ 4
4
Приносите на Каин и Авел
1Адам ја позна својата жена Ева, а таа зачна и го роди Каина, па рече: „Добив машко чедо со помош на Господа!“ 2Потоа го роди Авела, братот Каинов; Авел стана сточар, а Каин земјоделец. 3И еден ден Каин Му принесе на Господа жртва од плодовите на земјата. 4А и Авел принесе од првородените на својот добиток, и од мрсното. Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва, 5а ни поглед не сврти кон Каина и неговата жртва. Затоа Каин се налути многу, и лицето му се смени. 6И Господ му рече на Каина: „Зошто си лут? Зошто ти е сменето лицето? 7Зашто ако работиш право, светиш од насмеаност. А ако не работиш право, гревот ти лежи пред врата, што дебне врз тебе; но ти уште можеш да му се спротивиш.“
Каин го убива Авела
8Каин пак му рече на својот брат Авел: „Ајде да излеземе!“ И откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби. 9Потоа Господ го праша Каина: „Каде е брат ти Авел?“ „Не знам - одговори - зар сум јас чувар на својот брат?“ 10Господ продолжи: „Што направи? Слушај! Крвта на твојот брат вика кон Мене од земјата. 11Затоа биди проклет на земјата, што ја отвори устата за да ја прими крвта на брата ти, од твојата рака! 12Ќе ја обработуваш земјата, но таа веќе не ќе ти го дава својот род. Ќе бидеш вечен скитник на земјата!“ 13А Каин Му рече на Господа: „Мојата казна е премногу тешка, за да се поднесува. 14Еве, денес ме тераш од плодната почва; треба да се кријам од Твоето лице и да бидам вечен скитник на земјата - кој ќе ме најде, може да ме убие.“ 15А Господ му рече: „Не! Туку кој ќе го убие Каина, врз него ќе биде извршена седмократна одмазда!“ И Господ му стави знак на Каина, за да не го убие некој, кој ќе го сретне. 16Каин отиде од пред Господовото лице во земјата Нод, источно од Еден, и таму се насели.
Каиново потомство
17Каин ја позна својата жена, па таа зачна и го роди Еноха. 18На Еноха му се роди Ирад, а од Ирада потекнува Мехујаил; од Мехујаила потекнува Метусаил; од Метусаила, Ламех. 19Ламех зеде две жени. Едната се викаше Ада, а другата Села. 20Ада го роди Јавала, кој стана прататко на оние што живеат под шатори со добитокот. 21Името на брата му беше Јувал. Тој е прататко на сите кои свират на харфа и кавал. 22Села го роди Тувал-Каина, прататко на оние, кои коват орудија од бронза и железо. Името на Тувал-Каиновата сестра ѝ беше Наама. 23Ламех им рече на своите жени: „Адо и Село, послушајте го мојот глас; Ламехови жени, чујте ја мојата беседа: убив човек, зашто ме рани, и дете, зашто ме удри. 24Ако Каин биде одмазден седмократно, Ламех ќе биде седумдесет и седумкратно!“
25Адам ја позна својата жена, па таа роди син и му го даде името Сит. Таа рече: „Бог ми даде друго дете место Авела, кого Каин го уби.“ 26На Сит му се роди син, кому тој му го даде името Енос. Тогаш почнаа да го повикуваат Господовото име.
Селектирано:
БИТИЕ 4: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.