БИТИЕ 43
43
Јаков го пушта Венијамина
1Страшен глад ја притисна земјата. 2Кога ја изедоа храната, што ја донесоа од Египет, нивниот татко им рече: „Одете пак и набавете ни малку храна.“ 3А Јуда му рече: „Оној човек ни рече јасно: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’ 4И така, ако сакаш да го испратиш нашиот брат со нас, ние ќе отидеме таму и ќе ти купиме жито. 5Но ако не го пушташ него со нас, тогаш ние таму и нема да одиме, зашто оној ни се закани: ‘Не смеете пред мене, ако вашиот брат не биде со вас.’“ 6„Зошто ми правите зло - праша Израел - кажувајќи му на човекот дека имате уште еден брат?“ 7Тие одговорија: „Човекот нѐ распрашуваше непрекратно за нас и за нашето семејство: ‘Уште ли е жив татко ви? Имате ли уште некој брат?’ Ние му одговаравме на прашањата. Како можевме да знаеме дека ќе рече: ‘Доведете го брата си!’“ 8Потоа Јуда му рече на татка си Израел: „Пушти го детето со мене, па да станеме и да тргнеме; така ќе преживееме, а нема да изумреме, и ние и ти и нашите деца. 9Јас емчам за него, и сметај ме одговорен за него. Ако не ти го вратам тебе и ако не го доведам пред тебе, ќе ти бидам виновен засекогаш. 10Па ако не се двоумевме толку, можевме веќе и двапати да се вратиме.“
11Нивниот татко Израел им рече: „Штом е така, нека биде; ама направете го ова: ставете во торбите најодбрани производи на оваа земја: малку балсам, малку мед и миродии, мириси и смирна, и лешници и бадеми, и однесете му ги како дар на оној човек. 12Земете со себе двојно сребреници, зашто треба да бидат вратени сребрениците, што ги најдовте во отворите на вреќите. Можеби она беше забуна. 13Земете го својот брат и запатете се пак при оној човек. 14Нека Ел Шадај (Сѐмоќниот Бог) го поттикне оној човек на милост кон нас, па да ви ги пушти и другиот брат и Венијамина. А јас, ако треба да останам без деца, нека останам.“ 15Луѓето ги зедоа даровите; зедоа двојно сребреници со себе, го поведоа Венијамина и слегоа во Египет, и стапија пред Јосифа.
16Кога Јосиф го здогледа Венијамина со нив, му рече на управителот на своето домаќинство: „Одведи ги луѓето во куќата, заколи едно добиче и зготви, зашто луѓево ќе ручаат со мене на пладне!“ 17Човекот направи како што му рече Јосиф и ги поведе луѓето во Јосифовиот дом. 18Луѓето се исплашија кога ги поведоа во Јосифовиот дом и рекоа: „Заради сребрениците што ги најдовме во нашите вреќи, првиот пат, нѐ водат нас внатре, да нѐ нападнат и да нѐ земат за робови, заедно со нашите ослиња.“ 19Заради тоа му се приближија на управителот на Јосифовиот дом и, при влезот на куќата, му рекоа: 20„Прости, господару! Ние, еднаш, и порано дојдовме да набавиме храна; 21и кога стигнавме во преноќиштето и ги отворивме нашите вреќи; а ете сребрениците на секој од нас: одозгора во неговата вреќа, нашите сребреници, исто количество, сега ги донесовме со себе. 22А донесовме и други сребреници, за да купиме храна. Ние не знаеме кој ни ги стави сребрениците во нашите вреќи.“ 23„Бидете мирни! - им рече тој. - Не бојте се! Вашиот Бог и Бог на вашиот татко го стави благото во вашите вреќи; вашите сребреници стигнаа при мене.“ Потоа им го изведе Симеона. 24Тогаш човекот ги воведе луѓето во Јосифовата куќа; им даде вода да си ги измијат нозете; а на нивните ослиња им даде храна. 25Потоа тие ги приготвија своите подароци до Јосифовото доаѓање на пладне, зашто чуја дека ќе ручаат таму.
26Кога Јосиф дојде дома, му ги дадоа даровите што ги донесоа со себе, и му се поклонија до земја. 27Тој ги праша за здравјето, а натаму рече: „А дали е добар вашиот стар татко, за кого што ми зборувавте? Дали му е добро здравјето?“ 28„Твојот слуга, нашиот татко, добар е и здравјето му е уште добро“, одговорија и му се поклонија, искажувајќи му почитување. 29Подигајќи ги своите очи, Јосиф го забележа својот брат Венијамин - синот на мајка си - и праша: „Овој ли е вашиот најмлад брат, за кого ми зборувавте?“ И продолжи: „Божјата милост да биде со тебе, сине мој!“ 30Па Јосиф се оддалечи брзо, зашто му се возбуди срцето заради братот; му идеше да заплаче. Влезе во една соба и таму се изнаплака. 31Тогаш го изми лицето, се јави повторно и, совладувајќи се, нареди: „Послужете ручек!“ 32Му ставија нему одделно, ним одделно, а пак одделно на Египетците, кои јадеа со него. Египетците не би можеле да јадат со Евреи, зашто тоа би им било одвратно на Египетците. 33И кога седнаа пред него, најстариот според своето првородство, а најмладиот според својата младост, само се загледуваа. 34И тој наредуваше јадењата од пред него да ги носат при нив, а Венијаминовиот дел беше петпати поголем од сите други. И пиеја и се гостеа со него.
Селектирано:
БИТИЕ 43: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.