Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЕВРЕИТЕ 6

6
1Затоа да ја оставиме почетната наука за Христа и да се обрнеме кон полна зрелост, не поставувајќи пак основа за покајание од мртвите дела и верата во Бога; 2учењето за крштавањата, за полагање на раце, за воскресението на мртви и за вечниот суд. 3И тоа ќе го направиме ако дозволи Бог. 4Зашто е невозможно оние кои еднаш се просветени и кои го вкусиле небесниот дар, станувајќи учесници на Светиот Дух 5и кои ги вкусиле: доброто Божјо слово и силите на идниот век, 6а сепак отпаднале - пак повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно Го распнуваат за себеси Божјиот Син и Го срамат отворено. 7Зашто земјата која го впива дождот, што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бога; 8но ако раѓа трње и боцки, не чини и е близу до проклетството; нејзиниот крај е во горењето.
9А за вас, возљубени наши, иако зборуваме вака, сме уверени за подоброто кое го придружува спасението. 10Зашто Бог не е неправеден па да ги заборавил вашето дело и љубовта, што ја покажавте кон Неговото име, откако им послуживте и им служите на светите. 11Но ние сакаме: секој од вас до крај да ја покаже истата ревност, за да се исполни надежта наполно, 12и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние, кои преку вера и трпение го наследуваат ветувањето.
Цврсто Божјо ветување
13Зашто кога Бог му даде ветување на Авраама, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна Сам во Себе, 14велејќи: „Навистина ќе те благословам премногу и ќе те размножам и преумножам.“ 15И така, Аврам трпејќи го доби ветеното. 16Имено, луѓето се колнат во она што е поголемо, и секоја нивна препирка свршува со заколнување за потврдување. 17Затоа и Бог, сакајќи поверодостојно да им ја покаже на наследниците на ветувањето непроменливоста на Својата намера, се послужи со заклетва, 18така што преку тие две непроменливи работи, во кои Бог не може да измами, да имаме цврст поттик, ние кои прибегнуваме да ја дофатиме надежта што е поставена пред нас. 19Неа ја имаме како безбедна и цврста котва на душата, која навлегува и зад завесата, 20каде што Исус влезе за нас како претходник, откако стана вечен Првосвештеник по редот Мелхиседеков.

Селектирано:

ЕВРЕИТЕ 6: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се