Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ОСИЈА 2

2
Г. Гомера - знак на Израел
1. Нејзина прељуба
1Кажете им на своите браќа: Народу Мој, на своите сестри: Помилувана. 2Поднесете тужба, поднесете, против својата мајка, зашто таа не ми е жена, а Јас веќе не сум ѝ маж. Нека ги отфрли блудствата од себе и прељубата меѓу своите дојки, 3за да не ја свлечам гола та да направам да биде како на денот на своето раѓање; за да не ја претворам во пустина, за да не ја претворам во сува земја и за да не ја поморам со жед. 4Јас нема да ѝ ги милувам децата, зашто тоа се блуднички деца. 5Да, нивната мајка му се предаде ма блудството, се срамеше она која ги зачна. Да, рече: Ќе трчам по своите љубовници, по нив кои ми ги даваат мојот леб и водата, мојата волна и ленот, маслото и мојот пијалак.
2. Суд над Гомера
6Заради тоа ќе ѝ го заградам патот со трња, ќе ја опкружам со ѕид, за да не ги најде веќе своите патеки. 7И ќе трча по љубовниците, но не ќе ги стигне, ќе ги бара, но не ќе ги најде. Тогаш ќе рече: Одам да му се вратам на првиот маж, зашто посреќна бев порано отколку сега. 8И таа не разбра дека Јас ѝ давав и жито и вино и масло, дека ја опсипував со сребро и со злато од кое направија идол за Ваала. 9Затоа ќе го земам назад своето жито во Свое време и Своето вино во вистински час; ќе ги одземам Својата волна и Својот лен со кои требаше да ја покрива својата голота; 10сега ќе ѝ го откријам срамот пред очите на нејзините љубовници, и никој нема да ја избави од Мојата рака. 11Ќе им направам крај на сите нејзини веселби; прослави, млади месечини, саботи, и на сите нејзини празници. 12Ќе ѝ ги запустам лозите и смоквите за кои зборуваше: „Тоа е платата што ми ја дадоа моите љубовници.“ Ќе ги претворам во грмушници, и полските животни ќе ги брстат. 13Ќе ја казнам за Вааловите денови на кои им кадеше, се китеше со гривна и со огрлица и трчаше по своите љубовници; а Мене Ме забораваше - говори Господ.
3. Ветување за нејзина обнова
14Еве, затоа ќе ја привлечам, ќе ја одведам во пустината и ќе му проговорам на нејзиното срце. 15И таму ќе ѝ ги вратам нејзините лозја, и од Ахорската Долина ќе направам врата на надеж. Таму ќе ми се одѕива таа како во деновите на својата младост, како во времето кога излезе од Египет. 16Во оној ден - говори Господ - ти ќе ме викаш: „Мажу мој,“ а не ќе ме викаш веќе: „Ваалу мој.“ 17Ќе ѝ ги отстранам од устата ваалските имиња, и веќе не ќе им ги споменува имињата. 18Во оној ден, ќе склучам за нив сојуз со животните во полето, со небесните птици и со земните ползачи; ќе ги истребам од земјата лакот, мечот и војната за да почиваат мирно во неа. 19Ќе те свршам довека за Себе; Ќе те свршам во правда и справедливост, во добрина и во милост; 20ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го сознаеш Господа. 21Во оној ден - говори Господ - ќе им се одѕвијам на небесата, а таа ќе им се одѕвие на земјата; 22земјата ќе им се одѕвие на житото, на виното и на маслото, а тие ќе му се одѕвијат на Езраел. 23И ќе ја посеам за Себе во земјата, ќе ја замилувам непомилуваната и ќе му речам на Не-Мој-Народот: „Ти си Мој народ!“ а тој ќе рече: „Боже мој!“

Селектирано:

ОСИЈА 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се