Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 1

1
КНИГА НА БОЖЈИ ИЗОБЛИЧУВАЊА И ВЕТУВАЊА
1:1-6:13
А. Отпаѓање на Јуда и Израел. Божји суд и милост
1. Натпис
1Видение на Исаија, синот Амосов, што го имаше за Јудеја и за Ерусалим, во деновите на Озиј, Јоатан, Ахав и Езекија, јудејски цареви.
2. Јудина неблагодарност
2Чујте, небеса, послушај, земјо, зашто говори Господ: „Ти ги воспитав, ги подигнав, синовите, ама тие се одметнаа од Мене. 3Волот го познава својот сопственик, а оселот јаслите на господарот - Израел не познава, Мојот народ не разбира.“
4Ох, грешен ли народ, луѓе загазени во зло, злосторнички род, расипани синови! Го оставија Господа, Го презреа Израелевиот Светец, Нему Му ги свртија плеќите.
5Па каде да ве удрам уште, кога и понатаму се бунтувате? Целата глава е болна, срцето изнемоштено; 6од петицата до главата никаде здраво место, туку повреди, синила, отворени рани, ни очистени, ни завиткани, ниту заблажени со масло.
7Земјата ви опусте, градовите оган ги спали, туѓинците ги ограбуваат вашите ниви, пред ваши очи - пустина, како разорена од туѓинци. 8Сионската Ќерка остана како колиба во лозје, како полјачица во градина со краставици, како опсаден град.
9Ако не ни беше оставил Господ над Воинствата Остаток, ќе бевме како Содом, слични на Гомор.
3. Божји барања за свет живот
10Чујте го Господовото слово, содомски главатари, послушај го Законот на нашиот Бог, гоморски народе! 11„Зошто ми е мноштвото ваши жртви? - говори Господ. - Сит сум од овенски паленици и од мрсното на згоените телиња. И крвта Ми се згади од бикови, јагниња и јариња.
12Кога доаѓате да Ми го видите лицето, кој од вас бара да гази по Моите преддворја? 13Прекратете да Ми носите ништожни приноси, темјанот го замразив. Млади месечини, саботи и собори - не поднесувам празнувања и беззаконија. 14Вашите млади месечини и празници ги мразам од сета душа - тешки Ми се, не можам да ги поднесам! 15Кога ги ширите рацете за молитва, Јас ги одвраќам очите од вас. Само ги множите молитвите, Јас не ве слушам. Рацете ви се натопени во крв, 16измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло! 17Учете се на добри дела: стремете се кон правдата, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата.“
4. Избор: покајание или истребување
18„И сега дојдете, да бидеме прави, говори Господ. Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна. 19Ако сакате да Ме послушате, ќе уживате во земните плодови. 20Ако истраете во бунтовството, ќе ве проголта меч.“ Така зборуваше Господовата уста.
5. Ветување за спасување на Сион после суд
21Како стана ти блудница, верна тврдино? Беше полна со правда, правдата престолуваше во неа, а сега - убијците. 22Твоето сребро се претвори во троска, виното ти се разводни. 23Твоите кнезови се одметнаа, се спријателија со крадци. Сите копнеат за поткуп, летаат по дарови. Му ја скратуваат правдата на сирачето, парницата на вдовицата не стига до нив. 24Затоа вака зборува Господ, Господ над Воинствата, Израелевиот Јунак: „Ах, кога ќе се задоволам над противниците и кога ќе им се одмаздам на непријателите! 25Кога ќе ја испружам раката на тебе, за да ја очистам твојата троска со киселина, за да ја отстранам од тебе секоја смеса! 26Да ти поставам пак судии како некогаш, советници како во почетокот, па да те викаат Праведен Град, Тврдина на верноста.“ 27Праведен суд ќе го откупи Сион, а правдата неговите обратеници. 28Отпадниците и грешниците ќе се скршат заедно, а ќе загинат оние, кои Го напуштаат Господа. 29Да, ќе се срамите заради дабовите по кои копнеете сега, и ќе црвенеете заради градините во кои сега уживате. 30Зашто, ќе бидете како даб со исушени лисја, и како градина во која нема вода. 31Силниот ќе биде како коноп, а искрата негово дело, заедно ќе изгорат, а никој да ги згасне.

Селектирано:

ИСАИЈА 1: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се