Лого на YouVersion
Икона за пребарување

СУДИИ 18

18
3. Даново племе испраќа согледувачи. Нивно известување
1Во она време немаше цар во Израел. Тогаш Дановото племе бараше земја каде да се насели, зашто до тој ден не им падна наследство меѓу Израелевите колена. 2Затоа Дановците испратија петмина луѓе од своето племе, луѓе особено храбри од Сараја и од Естаол, за да ја извидат и за да ја запознаат земјата. И им рекоа: „Одете, извидете ја земјата.“ И тие дојдоа во Ефремовата Гора, до Михината куќа, и заноќија таму. 3Бидејќи беше близу до Михината куќа, го познаа гласот на младиот левит; навратија таму па го прашаа: „Кој те доведе ваму? Што правиш тука? И зошто си тука?“ 4А тој им одговори: „Миха направи така и така за мене. Тој ме глави, а јас му служам како свештеник.“ 5“Прашај Го Бога - му рекоа - да знаеме дали ќе ни успее патот по кој одиме?“ 6“Одете во мир - им одговори свештеникот - патот по кој што тргнавте е по Господова волја.“ 7Тогаш оние петмина отидоа и стигнаа во Лаис. И видоа дека народот што е во него живее без страв - според обичајот на Сидонците: безгрижно и мирно; дека имаат сѐ што раѓа земјата; дека се далеку од Сидонците и дека немаат никакви односи со други. 8Кога се вратија при своите браќа во Сараја и во Естаол, браќата ги прашаа: „Што научивте?“ 9Тие одговорија: „На нозе! Да се нафрлиме врз нив! Земјата што ја видовме е многу добра. О вие, мрзливци! Не се двоумете да се нафрлите за да ја освоите земјата. 10Кога ќе дојдете, ќе најдете таму безгрижен народ. Земјата е пространа. Бог го предава во ваши раце местото што не е скудно во ништо што раѓа земјата!“ 11Така оттаму тргнаа шест стотини вооружени луѓе од Дановото племе од Сараја и од Естаол. 12Тргнаа и се влогорија во Киријат-Јарим во Јуда. Затоа тоа место се вика до денешниот ден Махане-Дан (Данов Логор), а се наоѓа западно од Киријат-Јарим. 13Оттаму се запатија во Ефремовата Гора и дојдоа до Михината куќа.
4. Данови синови му ги одземаат на Миха идолите и свештеникот
14А оние петмина, кои беа отишле да ја согледуваат земјата, им рекоа на своите браќа: „Знаете ли дека во куќава имаат наплеќник, терафим и леан кип. Сега внимавајте што ќе правите.“ 15Завртувајќи, тие влегоа во куќата на младиот левит, во Михината куќа, и го поздравија. 16И додека шест стотини вооружени луѓе од Дановите синови стоеја пред вратата, 17оние петмина, кои отидоа да ја извидат земјата, влегоа, ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, а свештеникот стоеше на прагот покрај шест стотини вооружени луѓе. 18Кога влегоа во Михината куќа и ги зедоа наплеќникот, терафимот и леаниот кип, свештеникот им рече: „Што правите?“ 19“Молчи - му одговорија. - Стави ја раката на уста и дојди со нас. Ќе ни бидеш татко и свештеник. Зар ти е подобро да бидеш свештеник во куќата на еден човек, отколку да бидеш свештеник на едно племе и род во Израел?“ 20Свештеникот се зарадува; тој ги зеде наплеќникот, терафимот и режаниот и леан кип па отиде со луѓето.
5. Напразен обид на Миха да ги земе своите идоли
21Се вратија на патот по кој што тргнаа, отидоа откако ги пуштија напред жените и децата, добитокот и скапоценостите. 22Веќе беа далеку од Михината куќа, кога ете луѓето, кои живееја во соседните куќи, до Михината, се узбунија и тргнаа во потера по Дановците. 23Кога почнаа да викаат по Дановите синови, тие се обѕрнаа и му рекоа на Миха: „Што ти е? Што се собравте?“ 24Тој одговори: „Ми го зедовте богот, кого што си го направив за себе и свештеникот па си отидовте. А што ми останува мене! И уште велите: ‘Што ти е?’“ 25Дановите синови му одговорија: „Да не те чуеме веќе! Зашто гневни луѓе можат да удрат на вас, па ќе ги упропастиш себеси и својата куќа!“ 26Дановите синови отидоа натаму, а Миха, гледајќи дека се посилни од него, се заврте и се врати дома.
6. Данови синови го разурнуваат и го обновуваат Лаис
27И така, откако ги зедоа: богот што го имаше направено Миха и свештеникот, кого го глави за да му служи, Дановите синови удрија против Лаис, на мирни и спокојни луѓе, па ги исекоа со остар меч и го спалија градот. 28Немаше некој да им помогне на лаисците, зашто беа далеку од Сидон и немаа никакви односи со Арамејците, а освен тоа градот беше во долина што се тегнеше кон Вет-Реов. Потоа пак изградија град и се населија во него. 29И го нарекоа Дан, по името на својот предок Дан, кој му се роди на Израел. А порано градот се викаше Лаис. 30Дановите синови си го наместија режаниот и леаниот кип. А Јонатан, синот Гирсонов, син Манасиев, а потоа неговите синови, беа свештеници на Дановото племе до денот кога народот беше одведен на заточение. 31И им стоеше режаниот и леаниот кип, што го направи Миха, и остана таму за сето време додека Божјиот Дом беше во Сило.

Селектирано:

СУДИИ 18: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се