Лого на YouVersion
Икона за пребарување

СУДИИ 19

19
Б. Левит и негова наложница
1. Левит оди во Ерусалим со своја соложница
1Во она време кога во Израел уште немаше цар, во Израел живееше еден човек, левит, како придојденик на крајот на Ефремовата Гора. Тој зеде за наложница жена од Јудиниот Витлеем. 2Откако му се расрди еднаш, неговата наложница го остави и се врати во татковата куќа во Јудиниот Витлеем, и беше таму некое време, околу четири месеци. 3Нејзиниот маж отиде кај неа за да ја вразуми и за да ја доведе назад; водеше со себе слуга и две ослиња. Додека ѝ приоѓаше на куќата на таткото на младата жена, тестот го забележа и му излезе радосно во пресрет. 4Тестот, таткото на младата жена, го задржа три дни кај себе, па јадеа, пиеја и ноќеваа. 5На четвртиот ден поранија; левитот се готвеше да си оди, кога таткото на младата жена му рече на зетот: „Поткрепи се со залак леб, па потоа одете си.“ 6И така седнаа, па двајцата јадеа и пиеја, а тогаш таткото на младата жена му рече на човекот: „Остани уште ноќеска и нека се развесели твоето срце!“ 7Кога човекот стана да тргне, тестот почна да навалува на него, па тој преноќева уште еднаш таму. 8На петтиот ден левитот порани да тргне, но таткото на младата жена му рече: „Поткрепи се најнапред!“ Така го поминаа времето заедно додека денот не превали. 9Човекот стана да си оди со соложницата и со слугата, кога тестот, таткото на младата жена, му рече: „Еве денот превали кон вечер, преноќувај тука и повесели се, а утре пораните на пат и ќе се вратиш во твојот дом.“
2. Ноќевање во Венијаминова Гаваја
10Но човекот нејќеше да преноќева, туку стана и тргна. Така дојде до пред Евус, односно Ерусалим. Со него беа две насамарени ослиња, наложницата и слугата. 11Кога беа близу Ерусалим, денот веќе многу превали, па слугата му рече на својот господар: „Да влеземе во овој евусејски град и да ноќеваме во него.“ 12Но господарот му одговори: „Нема да влеземе во град на туѓинци, кои не се Израелци, туку ќе одиме до Гаваја.“ 13Уште му рече на слугата: „Ајде, да побрзаме за да стигнеме во некое од тие места - во Гаваја или во Рама.“ 14И поминаа, продолжувајќи го патот. Кога стигнаа пред Венијаминова Гаваја, сонцето заоѓаше. 15И тие свратија таму, за да одат да ноќеваат во Гаваја. Откако влезе, седна на градското трговиште, но немаше некого за да ги прими во куќата за преноќевање.
3. Гостопримство на старец (Ефремец)
16И ете, еден старец се враќаше, пред вечер, од работа во полето. Тоа беше човек од Ефремовата Гора, живееше во Гаваја како придојденик, а сите жители на местото беа Венијаминови синови. 17Подигајќи ги очите, го виде патникот на градската улица: „Од каде доаѓаш, и каде одиш?“- го праша старецот. 18А тој му одговори: „Доаѓаме од Јудиниот Витлеем кон Ефремовата Гора, од каде што сум јас. Отидов во Јудиниот Витлеем и се враќам дома; но нема некој за да ме прими кај себе во куќата. 19Имам и слама и крма за моите ослиња, а и леб и вино за себе, за мојата жена и за момокот, што ме придружува мене, твојот слуга. Имаме сѐ доста.“ 20“Мир со тебе и добро ми дојде - одговори старецот. - Моја грижа е за тоа што ти е потребно, само не ноќевај на улица.“ 21И го воведе во својот дом и им даде крма на ослиците. Патниците си ги измија нозете, а тогаш јадеа и пиеја.
4. Изнасилување на соложница
22Додека тие се закрепнуваа, ете, некои граѓани, развратни луѓе, му ја опкружија куќата и, тропајќи со сета сила на вратата, му рекоа на старецот, господарот на куќата: „Изведи го тој човек кој влезе во твојот дом за да го познаеме.“ 23Тогаш домаќинот излезе од куќата и им рече: „Не, браќа мои, не правете зло. Човекот влезе во мојот дом, затоа не правете беззаконие. 24Еве, мојата ќерка е девица, ќе ви ја отстапам. Правете со неа што ви е мило, но на овој човек не правете му беззаконие.“ 25Луѓето не сакаа да го послушаат. Тогаш оној човек ја зеде соложницата па им ја изведе. Тие ја силуваа и ја измачуваа цела ноќ до утрото, а кога забелеа мугрите, ја пуштија. 26Пред зората, жената дојде и падна при вратата на куќата на оној човек каде што беше нејзиниот господар, и лежеше таму додека не се раздени.
5. Левитов гнев
27Нејзиниот господар стана наутро, ја отвори куќната врата па излезе за да го продолжи патот; кога ја забележа жената, својата соложница, како што лежи при куќната врата, со рацете на прагот. 28“Стани, да си одиме“ - ѝ рече. Но немаше одговор. Тогаш ја зеде, ја натовари на ослето и тргна на пат за да се врати дома. 29Кога дојде дома, извади нож и го зеде мртвото тело на соложницата, го исече, член по член, на дванаесет делови и ги распрати во сите краишта на Израел. 30И секој што виде, рече: „Вакво нешто не се случило од денот кога Израелците излегоа од Египет до денешниот ден. Треба за тоа да се размисли, да се посоветува и да се зборува.“

Селектирано:

СУДИИ 19: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се