Лого на YouVersion
Икона за пребарување

СУДИИ 20

20
6. Војна меѓу Израел и Венијамин
а. Израел се собира во Миспа. Жалба на левитот
1Тогаш сиот Израел излезе и се собра сета заедница како еден човек, од Дан до Вирсавеја и до Галадската Земја, кај Господа во Миспа. 2Началниците на сиот народ, на сите Израелеви племиња, дојдоа на собирот на Божјиот народ, четири стотини пешаци свикнати на меч. 3А Венијаминовите синови научија дека Израелевите синови се искачиле во Миспа. Тогаш Израелевите синови запрашаа: „Кажете ни како се случи злосторот!“ 4Леви, мажот на убиената жена, зеде збор: „Дојдов со наложницата во Венијаминовата Гаваја за да преноќам. 5А граѓаните на Гаваја станаа против мене и ноќе ја опкружија куќата во која што бев; сакаа да ме убијат мене, а мојата соложница ја изнасилија така што умре. 6Затоа ја зедов мртвата соложница, ја исеков на делови и ја испратив во сите краишта на Израелевото наследство, зашто направија беззаконие и срамно дело во Израел 7Ете, сите вие, Израелеви синови, разгледајте го делото и одлучете тука.“ 8Сиот народ стана како еден човек, говорејќи: „Никој од нас нека не се враќа во својот шатор, никој нека не се враќа во својата куќа! 9Туку сега ова да ѝ го направиме на Гаваја: ќе фрлиме жрепка; 10и ќе земеме од сите Израелеви колена по десет луѓе од сто и по илјада од десет илјади и тие ќе ѝ носат храна на војската, на оние кои ќе тргнат да ја казнат Венијаминова Гаваја за срамното дело што го направила во Израел.“ 11И се собраа Израелците против оној град, здружени како еден човек. б. Венијаминовците одбиваат да се покајат 12Тогаш Израелевите племиња испратија пратеници по сето Венијаминово племе со порака: „Какво гнасно дело е направено среде вас? 13Сега предајте ги оние развратни луѓе, кои се во Гаваја, за да ги погубиме и да го откорнеме злото од Израел!“ Но Венијаминовците не сакаа да ги послушаат своите браќа Израелци. 14Венијаминовите синови се собраа, од своите градови, во Гаваја за да завојуваат против Израелците. 15А Венијаминовците, кои дојдоа од разни градови, беа изброени во тој ден дваесет и шест илјади луѓе свикнати на меч, без жителите на Гаваја. 16Од сиот тој народ имаше седум стотини вешти луѓе, кои беа леваци, и секој од нив гаѓаше со камен од праќка точно на влакно, не промашувајќи ја целта. 17А Израелците беа, без Венијаминовите синови, четири стотини илјади, сѐ луѓе свикнати на меч и сѐ само воини. в. Израел Го прашува Бога 18Израелевите синови, откако станаа, тргнаа во Ветил за да се посоветуваат со Бога: „Кој од нас да тргне прв во бој против Венијаминовите синови?“ - прашаа Израелците. А Господ одговори: „Јуда нека тргне прв.“ г. Почетна победа на Венијамин 19Наутро Израелците тргнаа та се влогорија пред Гаваја. 20Откако тргнаа во бој против Венијаминовците, се наредија во боен ред пред Гаваја. 21А Венијаминовите синови излегоа од Гаваја и му погубија во тој ден на Израел дваесет и две илјади луѓе, кои останаа на полето. 22Израелците отидоа и плачеа пред Господа сѐ до вечерта, а тогаш Го прашаа Господа: „Треба ли пак да излеземе во бој против синовите на нашиот брат Венијамин?“ А Господ им одговори: „Тргнете против него!“ 23Тогаш војската на Израелевите синови се охрабри и повторно се нареди во боен ред, на истото место каде што се наредија во првиот ден. д. Втора Венијаминова победа 24На вториот ден Израелците им се приближија на Венијаминовците, 25но во тој втор ден, Венијамин излезе од Гаваја пред нив и им уби на Израелците уште осумнаесет илјади луѓе, кои останаа во полето, сѐ само одбор воини, свикнати на меч. 26Тогаш сите Израелци и сиот народ отидоа во Ветил (Божји Дом), па плачеа и стоеја таму пред Господа; постеа цел ден до вечерта, принесуваа паленици и помирителни жртви пред Господа. 27И тогаш Израелците пак Го прашаа Господа, (зашто во она време Ковчегот на Божјиот Завет се наоѓаше на тоа место, 28и Финес, син на Ароновиот син Елеазар, стоеше пред него во оние денови.) Тие прашаа: „Треба ли пак да излеземе против синовите на нашиот брат Венијамин?“ А Господ им одговори: „Тргнете, зашто утре ќе ги предадам во ваши раце.“
ѓ. Уништување на Венијамин
29Тогаш Израел постави чети во заседа околу Гаваја. 30На третиот ден Израелците тргнаа против Венијаминовците, и се наредија во бојни редови пред Гаваја, како и порано. 31Венијаминовите синови излегоа против нив, а тие ги намамија далеку од градот. Како и порано Венијаминовците убиваа некои по патиштата, од кои еден водеше кон Ветил, а другиот во Гаваја; така убија околу триесет Израелци. 32И Венијаминовите синови зборуваа: „Еве ги биеме како и првиот пат.“ А Израелците рекоа: „Да бегаме додека не ги намамиме на отворени патишта, далеку од градот!“ 33Тогаш главнината на Израелевата војска стана од својот положај и се нареди во боен ред кај Вал Тамара, а Израелевата заседа излезе од своето засолниште западно од Гаваја. 34Десет илјади способни луѓе, избрани од сиот Израел, дојдоа кон Гаваја. Бојот беше жесток. Венијаминовите синови и не насетуваа дека ќе ги стигне зло. 35И Господ го порази Венијамина пред Израел во тој ден, та Израелците му погубија на Венијамина дваесет и пет илјади и сто луѓе свикнати на меч. 36Венијаминовите синови видоа дека се победени. Луѓето Израелци се повлекоа од своите бојни редови пред Венијамина, надевајќи се на заседата што ја поставија околу Гаваја. 37А оние кои беа во заседата се нафрлија брзо против Гаваја и, откако влегоа во неа, ги исекоа со остар меч сите жители. 38Израелевите мажи се беа договориле со оние од заседата, тие да кренат столб од дим од градот како знак: 39тогаш Израелевите мажи ќе се повлечат од бојот. Венијамин почна да ги убива Израелците и им исече триесет луѓе, и си рекоа: „Навистина, паѓаат пред нас како во поранешниот бој.“ 40А кога знакот, столб од дим, почна да се издига од градот, Венијамин се обѕрна и виде како пламен од целиот град се вишка кон небото. 41Тогаш Израелевите мажи се завртија, а Венијаминовците ги опфати ужас, зашто видоа дека ги најде зло. 42И избегаа пред Израелците кон пустината, но воините им беа зад петиците, а оние кои доаѓаа од градот ги убиваа од зад плеќи. 43Така го опколија Венијамина и, гонејќи го без здивнување, го уништија до Гаваја на источната страна. 44И на Венијамин му паднаа осумнаесет илјади луѓе, сѐ само способни јунаци. 45Преживеаните се завртија и избегаа во пустината кон Римонската Стена. Сечејќи по патиштата, Израелците погубија уште пет илјади луѓе. 46Во тој ден, на Венијаминовците им паднаа дваесет илјади луѓе навикнати на меч, сѐ само способни луѓе. 47Шест стотини луѓе избегаа во пустината кон Римонската Карпа и останаа таму четири месеци. 48Потоа Израелевите луѓе им се вратија на Венијаминците, ги исекоа со остри мечеви мажите во градовите, добитокот и сѐ што се нашло; и ги изгореа со оган сите градови што ги најдоа во Венијамин.

Селектирано:

СУДИИ 20: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се