СУДИИ 2
2
В. Израелева непослушност
1Господов ангел дојде од Галгал во Бохиме и рече: „Ве изведов од Египет и ве доведов во земјата што ви ја ветив, заколнувајќи им се на вашите татковци. Реков: ‘Нема да го раскинам Мојот Завет со вас довека. 2А вие не склучувајте сојуз со жителите на оваа земја; туку разурнувајте ги нивните жртвеници!’ Но вие не го послушавте Мојот глас. Што направивте! 3Затоа ви велам: ‘Не ќе ги изгонам пред вас. Туку, тие ќе ве угнетуваат, и нивните богови ќе ви бидат стапица.’“ 4Кога Господовиот ангел им ги кажа тие зборови на сите Израелци, народот извика гласно и заплака. 5И така, тоа место го нарекоа Бохим, и таму Му принесоа жртви на Господа.
ИЗРАЕЛЕВИ СУДИИ
2:6-16:31
А. Смрт и погребение на Исус Навин
6Кога Исус го распушти народот, Израелевите синови се разотидоа секој во своето наследство, за да ја земат во сопственост земјата. 7Народот Му служеше на Господа во текот на сиот Исусов век и во текот на сиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и ги видоа сите големи дела што Господ ги направи за Израел.
8Исус, Навиновиот син, Господов слуга, умре на возраст од сто и десет години. 9Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Арес, во Ефремовата Гора, северно од планината Гаш. 10А кога сето она поколение им се придружи на своите татковци, го наследи друго поколение, што не Го познаваше Господа ни за делата што ги направил за Израел.
Б. Израелово отстапување од Бога – паѓање
11Тогаш Израелевите синови почнаа да прават што не Му е по волја на Господа, и им служеа на Ваалите. 12Го оставија Господа, Бога на своите татковци, кој ги изведе од Египетската Земја, и тргнаа по други богови, меѓу боговите на околните народи. Им се поклонуваа, Го разгневија Господа. 13Отпаднаа од Господа за да им служат на Ваал и на Астарта. 14Затоа Господ го излеа Својот гнев на Израел: ги остави на ограбувачите да ги ограбуваат, им ги предаде на непријателите наоколу, така што не можеа да им се спротиват. 15Што и да почнеа, Господовата рака се свртуваше против нив за нивна несреќа, како што им рече Господ и како што им се заколна. И така паднаа во голема неволја.
В. Избавување преку судии и повторно паѓање
16Тогаш Господ почна да им издига судии, за да ги избавуваат од рацете на оние што ги ограбуваа. 17Но тие не ги слушаа ни своите судии, туку изневеруваа со други богови и им се поклонуваа. Бргу се отклонија од патот по кој одеа нивните татковци слушајќи ги Господовите заповеди; тие не правеа така. 18Кога им воздигаше судии, Господ беше со секој судија па ги избавуваше од рацете на нивните непријатели во текот на сиот век на судијата, зашто Му беше жал на Господа колку воздивнуваа под јаремот на оние кои ги угнетуваа. 19А кога ќе умреше судијата, тие пак паѓаа во поголема расипаност отколку нивните татковци. Одеа по други богови, им служеа и им се поклонуваа, не отстапувајќи од своите опаки дела и постапки. 20Тогаш Господ пламна со гнев против Израел и рече: „Затоа што овој народ го престапи Мојот Завет, што Јас го воспоставив со нивните татковци, и не го послушаа Мојот глас, 21ни Јас отсега нема да изгонам пред нив ниеден од народите што Исус ги остави по својата смрт,“ - 22за да го стави со нив на искушение Израел: дали ќе ги пазат или не Господовите патишта, како што ги пазеа нивните татковци. 23Затоа Господ ги остави тие народи, и не ги изгони веднаш ниту ги предаде во рацете на Исуса.
Селектирано:
СУДИИ 2: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.