ИСУС НАВИН 5
5
Г. Логор во Галгал
1. Исполнување на Заветот за обрезување
1Откако чуја сите аморејски цареви на западната страна на Јордан, и сите ханаански цареви, кои беа покрај морето, дека Господ, го пресуши Јордан пред Израелците додека не поминаа, им застана срцето, и не остана дух во нив пред Израелците.
2Во тоа време Господ му рече на Исуса: „Направи си камени ножеви и обрежи ги повторно Израелците.“ 3Исус си направи камени ножеви и ги обреза Израелците на брежето Аралот (Брег на Обрезаните). 4А еве зошто ги обреза Исус: сите луѓе кои излегоа од Египет, сите кои можеа да носат оружје, изумреа при патувањето низ пустината. 5Сите тие беа обрезани, ама не беше обрезан никој, кој се родил при патувањето низ пустината, по излезот од Египет, 6зашто четириесет години Израелците скитаа по пустината додека не изумреа сите способни за оружје, кои беа излегле од Египет; не го слушаа Господовиот глас, па Господ им се заколна дека нивните очи нема да ја видат земјата, што им ја вети на нивните татковци - земјата во која течат млеко и мед. 7На нивно место ги издигна нивните синови, и Исус ги обреза нив: не беа обрезани, зашто на патот не се обрезуваше. 8Кога сиот народ беше обрезан, почиваа во логорот сѐ додека не оздравеа. 9Тогаш Господ му рече на Исуса: „Денес го симнав од вас египетскиот срам.“ И она место се нарече Галгал сѐ до наши дни.
2. Исполнување на Пасха
10И така Израелците се настанија во Галгал и таму во Ерихонските Полиња ја прославија Пасхата на четиринаесеттиот ден во месецот, навечер. 11А утреден по Пасхата, поправо во тој ден јадеа од родот на онаа земја: бесквасни лебови и пржени зрна. 12И маната прекрати штом почнаа да ги јадат плодовите на земјата. Така Израелците веќе немаа мана, туку се хранеа таа година со плодовите на Ханаанската Земја.
3. Таинствен водач на Господовото воинство
13Кога Исус му се приближи на градот Ерихон, ги подигна очите и здогледа човек како стои пред него со извлечен меч во раката. Исус му пристапи и го праша: „Дали си ти со нас или си со нашите непријатели?“ 14А тој одговори: „Не, јас сум водач на Господовата војска, и тукушто дојдов…“ Тогаш Исус падна ничкум, му се поклони и рече: „Што му заповедаш, Господару, на својот слуга?“ 15А предводникот на Господовото воинство му одговори на Исуса: „Собуј ги обувките од своите нозе, зашто е свето местото на кое што стоиш.“ И Исус направи така.
Селектирано:
ИСУС НАВИН 5: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.