ЛЕВИТ 6
6
1Господ му рече уште на Мојсеја: 2„Ако некој згреши и направи престап пред Господа, измамувајќи го својот ближен за нешто што му е доверено нему или за залог, а исто и со кражба или со исползување на својот ближен; 3или, ако најде нешто загубено, па излаже и се заколне криво, во било кој и да е грев што човек може да го стори; 4ако некој згреши така и стане виновен, тогаш она што го одзеде со кражба или што го придоби со искористување; или нештото што му беше доверено; или загинатата работа што ја нашол; 5или она за што се заколнал лажно - нека биде вратено целосно и, додавајќи му петина на тоа, нека му го даде на оној кому што му припаѓа, во истиот ден кога ќе ја сознае својата вина. 6Потоа на свештеникот за надомест, како принос за престап на Господа, нека му доведе од своето стадо овци еден овен без недостаток, според твоја процена, 7И свештеникот ќе направи да се покрие вината пред Господа, и ќе му биде простено, што и да сторил, сѐ, со што станал виновен.“
8Господ му рече уште на Мојсеја: 9„Нареди им на Арона и на неговите синови: обредот за жртва паленица е ваков: жртвата паленица нека остане на жарта во жртвеникот цела ноќ до утрото; и оган нека гори непрекратно на жртвеникот. 10Свештеникот нека облече врз себе ленена кошула, нека навлече ленени гаќи врз своето тело; потоа нека ја собере пепелта во што огнот ја претвори паленицата на жртвеникот, и нека ја остави покрај жртвеникот. 11Потоа нека ја соблече својата облека и нека облече друга, па нека ја однесе пепелта на чисто место надвор од логорот. 12Огнот на жртвеникот треба да гори секогаш; не смее да гасне. Секое утро, свештеникот нека реди дрва и тогаш нека ја положи жртвата паленица врз него. Таму нека го изгорува лојот од помирителната жртва. 13Огнот на жртвеникот нека гори непрекратно; нека не гасне.“
За жртва: лебен принос
14„Ова е закон за лебниот принос: Ароновите синови нека го принесуваат во присуство на Господа пред жртвеникот. 15Откако еден од нив земе грст чисто брашно и масло од лебниот принос и сиот темјан што ќе биде на него, откако тоа ќе го изгори на жртвеникот како спомен-жртва, пријатен мирис пред Господа, 16остатокот - во вид на бесквасни лебови - нека го изедат Арон и неговите синови; нека го јадат на посветеното место: во дворот на Шаторот на средбата. 17Нека не се пече со квас. Тоа е дел од жртвите, палени за Мене, што Јас им го давам - најсветиот дел, исто како и приносот за грев и приносот за престап. 18Секое машко од Ароновото потомство може да го јаде тој дел од жртвите палени на Господа, и тоа е вечен закон за сите ваши поколенија: кој и да се допре до нив, ќе биде осветен.“
19Господ му рече уште на Мојсеја: 20„Арон и неговите синови, на денот на нивното помазание, нека Му го принесат на Господа овој принос: десетина ефа од чисто пченично брашно како редовен лебен принос, половина наутро, а половина навечер. 21Нека биде зготвен во сад за пржење со масло. Донеси го добро наквасен и принеси Му го на Господа како пријатен мирис. 22Така нека го зготви свештеникот, кој - од неговите синови - ќе биде помазан за да го наследи. Тоа е вечен закон. Тоа нека се изгорува цело за Господа! 23Секој свештенички лебен принос треба да биде изгорен сосем; од него да не се јаде.“
За жртва за грев
24Господ му рече уште на Мојсеја: 25„Кажи им на Арона и на неговите синови: ‘Ова е закон за принос за грев: жртвата за грев нека биде заклана пред Господа на местото каде се коле жртва паленица - најсвета е! 26Свештеникот кој ја принесува жртвата за грев нека јаде од неа; таа нека биде јадена на свето место, во дворот на Шаторот на средбата. 27Секој што ќе се допре до нејзиното месо, ќе биде посветен; ако крвта ја испрска облеката, испрсканиот дел нека биде испран на свето место. 28А садот од глина, во кој ќе биде варено месото, нека биде скршен; а ако биде варено во бронзен сад, нека се истрие и нека се измие со вода. 29Секое машко од свештеничкиот род може да јаде од неа - пресвета е! 30Но ниедна жртва за грев - од која крвта е донесена во Шаторот на средбата за покривање на гревот во Светото место - нека не се јаде, туку да биде изгорена на оган.’
Селектирано:
ЛЕВИТ 6: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.