МАЛАХИЈА 1
1
ИЗРАЕЛЕВО ОТСТАПНИШТВО И ГРЕВ
1:1-2:17
А. Божја љубов кон Израел
1Пророштво. Господово слово до Израел преку Малахија. 2„Ве љубев вас - зборува Господ, а вие прашувате: ‘Во што нѐ љубеше?’ Не беше ли Исав брат Јаковов? - говори Господ - 3но го возљубив Јакова, а Исава го замразив: му ги претворив градовите во пустина, а неговото наследство им го дадов на пустинските шакали.“ 4Зашто, ако Едом рече: „Бевме здробени, но пак ќе ги подигнеме урнатините!“ Господ над Војските говори вака: „Тие нека градат, а Јас ќе разградувам! Ќе ги наречат безбожничка земја и народ, на кого Господ се срди довека! 5Вашите очи ќе видат, и ќе речете: ‘Господ да се возвеличи, преку границите на Израелевата Земја.’
Б. Свештенички гревови
6Синот го почитува таткото, а слугата господарот. Но ако Сум Јас Татко, каде е почитувањето кон Мене? Ако Сум Господар, каде е стравот од Мене? Тоа ви говори Господ над Воинствата вам, свештеници, кои го презирате Моето име, а прашувате: ‘Со што го презревме Твоето име?’ 7Принесувате обесветен леб врз Мојот жртвеник и уште прашувате: ‘Со што Те обесветивме?’ Со тоа што велите: ‘Господовиот стол е неважна работа!’ 8А кога за жртва принесувате слеп добиток, зар тоа не е зло? И кога принесувате хромо и болно зар тоа не е зло? Донеси му нешто такво на својот намесник, дали ќе биде задоволен и дали ќе те прими добро? - говори Господ над Воинствата. 9Сега, помолете се на Бога за да ни се смилува. Тоа го донесуваат вашите раце, дали ќе ве прими добро? - зборува Господ над Војските. 10О, кога некој од вас би ја затворил вратата, за да не Ми палите напразно оган врз жртвеникот! Не сте Ми мили - говори Господ над Воинствата - и не примам жртва од вашите раце. 11Зашто од исток до запад, велико ќе биде Моето Име меѓу народите, и на секое место ќе се принесува темјан и чиста жртва на Моето Име меѓу народите - говори Господ над Воинствата. 12Но, вие го осквернувате кога зборувате: ‘Господовиот стол не е почитуван и храната врз него не е за ништо!’ 13Уште велите: ‘Ете штета на трудот!’ и го презирате - говори Господ над Војските. Кога доведувате ограбена, хрома и болна стока, та ја принесувате како жртвен дар, зар да го примам тоа милостиво од вашата рака? - говори Господ над Воинствата. 14Проклет да е измамникот, кој во стадото има овен, што Ми го заветувал, а Ми жртвува јалова овца. Зашто Јас Сум Велик Цар - зборува Господ над Воинствата. - и Моето Име е страшно меѓу народите.
Селектирано:
МАЛАХИЈА 1: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.