МАТЕЈ 19
19
Брак и развод. Благословување на деца
1А кога Исус ги заврши тие зборови, отиде од Галилеја и дојде до пределите на Јудеја отаде Јордан. 2И големо множе-ство тргна по Него, а Тој ги оздрави таму. 3И фарисеите Му пристапија, Го искушуваа и рекоа: „Дали смее човек да ја остави својата жена по секаква причина?“ 4А Тој одговори и рече: „Зар не сте читале дека Оној, Кој ги создаде во почеток, ги создаде машко и женско, 5и рече: ‘Затоа мажот ќе ги остави таткото и мајката и ќе се прилепи до својата жена, и обата ќе бидат едно тело?’ 6Така што не се веќе двајца, туку едно тело. И така што Бог соединил, човекот да не разделува!“ 7И Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ се даде разводно писмо на жената и да се остави?“ 8Им рече: „Заради вашето закоравено срце, Мојсеј ви дозволи да ги оставате вашите жени, но во почетокот не беше така. 9Туку ви велам: „Кој ќе ја остави својата жена - освен за прељубодејство - и се ожени за друга, прави прељуба; и кој ќе се ожени со напуштена, прави прељуба.“ 10Учениците Му рекоа: „Ако е тоа причината меѓу мажот и жената, подобро да не се жени.“ 11А Тој им рече: „Сите не можат да ги сфатат тие зборови, туку оние, на кои им е дадено. 12Зашто има скопци, кои се родени така од мајчината утроба, и има скопци, кои се скопени од луѓе, и има скопци, кои самите се скопиле заради небесното царство. Кој може да прими, нека прими!“
13Тогаш доведоа дечиња при Него, за да ги положи рацете над нив и да се помоли; но учениците ги укорија. 14А Исус рече: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.“ 15И ги положи рацете на нив, и си отиде оттаму.
Богато момче
16И ете, еден Му пристапи и рече: „Учителе добар, какво добро да направам, за да имам вечен живот?“ 17А Тој му рече: „Зошто Ме прашуваш за добро? Еден е Добар! А ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите!“ 18Му рече: „Кои?“ А Исус рече: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, 19почитувај ги татка си и мајка си и љуби го својот ближен како себеси!“ 20Момчето Му рече: „Сето тоа сум го пазел од младост, уште што ми недостига?“ 21Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им на сиромасите, и ќе имаш благо на небото! Дојди и следи Ме!“ 22А кога момчето го чу тој збор, си отиде нажален, зашто имаше многу имоти. 23А Исус им рече на Своите ученици: „Вистина ви велам: богат мачно ќе влезе во небесното царство!“ 24И пак ви велам: „Полесно ѝ е на камилата да помине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во Божјото Царство.“ 25Кога учени-ците го чуја тоа се зачудија мошне и рекоа: „Тогаш, кој може да се спаси?“ 26Исус ги погледна и им рече: „На луѓето ова им е невозможно, но за Бога сѐ е возможно.“ 27Тогаш Петар одговори и Му рече: „Еве, ние оставивме сѐ и тргнавме по Тебе; и така, ние што ќе имаме?“ 28А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие - кои тргнавте по Мене, во преродбата - кога Човечкиот Син ќе седне на престолот на Својата слава, и сами ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелеви племиња. 29И секој, кој заради Моето име ќе остави: куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, ќе прими стократно и ќе наследи вечен живот. 30Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.“
Селектирано:
МАТЕЈ 19: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.