МАТЕЈ 3
3
Проповед на Јован Крстител
1Во тие дни дојде Јован Крсти-тел и проповедаше во пустината Јудејска, велејќи: 2“Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ 3Зашто тој е оној, за кого пророкот Исаија рече: „Гласот на оној, кој вика во пустината: Пригответе го патот на Господа, направете ги прави Неговите патеки! 4А сам Јован имаше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините; а скакулците и дивиот мед му беа храна. 5Тогаш излегуваа кон него: Ерусалим, цела Јудеја и целата Јорданска околина, 6и тој ги крштаваше во реката Јордан, а тие ги исповедуваа своите гревови. 7Штом виде многу фарисеи и садукеи дека доаѓаат да ги крсти, им рече: „Породи змијски, кој ве предупреди да бегате од гневот што доаѓа? 8Затоа, принесувајте плодови достојни на покајание, 9и не мислете да речете во себеси: Авраам е наш татко, зашто ви велам, Бог може од овие камења да му издигне чеда на Авраама. 10Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.
11Јас ве крштавам во вода за покајание; но Оној, Кој доаѓа по мене е посилен од мене, Кому јас не сум достоен да Му ги понесам обувките. Тој ќе ве крсти во Светиот Дух и оган. 12Лопатата е во Него-вата рака, и ќе го очисти Своето гумно, и ќе го собере Своето жито во житницата; а плевата ќе ја изгори со неизгорлив оган.“
Исусово крштавање
13Тогаш Исус дојде од Галилеја до Јордан при Јована, за да се крсти од него. 14А Јован го одвраќаше, велејќи: „Јас имам потреба да се крстам од Тебе, а Ти доаѓаш при мене?“ 15А Исус му одговори: „Позволи го сега тоа, зашто така ни прилега да ја исполниме сета правда.“ Тогаш тој Му позволи. 16А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата Му се отворија и го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. 17И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината!“
Селектирано:
МАТЕЈ 3: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.