МАРКО 13
13
Пророштво за разурнување на Храмот
1И кога излегуваше од Хра-мот, еден од Неговите уче-ници Му рече: „Учителе! Гледај - какви камења и каква зграда!“ 2А Исус му рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Нема да остане камен на камен, што не ќе биде разурнат. 3И кога седеше на Мас-линовата Гора, спроти Храмот, Петар и Јаков и Јован и Андреј Го прашаа насамо: 4“Кажи ни кога ќе биде тоа, и каков е знакот, кога сѐ тоа ќе се исполни?“ 5А Исус почна да им зборува: „Пазете се, некој да не ве измами! 6Мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе речат: ‘Јас Сум’ - и ќе измамат мнозина. 7Кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се! Зашто тоа треба да биде, но уште не е свршеток; 8зашто ќе се крене народ против народ и царство против царство; ќе има земјотреси по разни места; ќе има глад. Тоа е почеток на страдањата.“
9“Но вие, чувајте се! Ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бијат по синагогите; и пред управниците и царевите ќе стоите заради Мене, ним за сведоштво. 10Најнапред треба да им биде проповедано Евангелието на сите народи. 11А кога ќе ве поведат и ве предадат, не грижете се однапред што ќе зборувате; туку што ќе ви биде дадено во тој час, зборувајте го тоа: зашто нема да зборувате вие, туку Светиот Дух. 12И брат брата ќе предаде на смрт, и татко - чедо. И децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. 13И сите ќе ве мразат заради Мене, а кој претрпи до крај, тој ќе се спаси. 14А кога ќе видите дека ‘мерзоста на запустението’ како што рече пророкот Даниел, да стои, каде што не треба - кој чита, нека разбере! - тогаш оние, кои се во Јудеја, нека бегаат по горите! 15Кој е на покривот, нека не слегува и нека не влегува да земе нешто од својата куќа; 16а кој е во полето, нека не се враќа да ја земе својата наметка. 17Тешко им на трудните жени и на доилките во тие дни! 18Молете се, тоа да не биде зиме! 19Зашто во тие дни ќе има неволја каква немало од почетокот на Божјото создавање, па досега, и нема да биде. 20И ако Господ не ги скрати тие дни, не би се спасил ниеден човек; но заради избра-ните, кои ги избра, ги скрати дните. 21И ако некој ви рече тогаш: ‘Еве, тука е Христос! Ене, таму!’ не верувајте; 22зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат знаци и чуда, за да ги измамат избраните, ако е можно. 23А вие внимавајте! Ете, ви кажав сѐ однапред!“
Доаѓање на Човечкиот Син.
24“Во тие дни - после тие неволји - сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, 25ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се расклатат. 26И тогаш ќе Го видат Човечкиот Син како доаѓа на облаците, со голема сила и слава. 27И тогаш, Тој ќе ги испрати Своите ангели и ќе ги собере своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.“
28А од смоквата научете ја приказната: кога нејзината гранка омекне и разлиста, знаете дека летото е близу. 29Така и вие, кога ќе видите дека се случува ова, знајте дека е близу - пред врата. 30Вистина ви велам, ова поколение нема да помине, додека сѐ ова не се збидне. 31Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат. 32А за оној ден и час, никој не знае: ни ангелите на небото, ниту Синот, а само Таткото.“
33“Внимавајте, бдејте! Зашто не знаете, кога ќе биде времето! 34Како човек, кој - тргнувајќи на пат - ја остави својата куќа и ги овласти своите слуги, секому му ја одреди неговата работа, а на вра-тарот му нареди да бдее. 35И така: бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде господарот на куќата: навечер ли, или на полноќ, или кога петлите ќе пропеат, или наутро, 36за да не дојде одненадеж и да ве најде заспани. 37А што ви зборувам вам, на сите им зборувам: бдејте!“
Селектирано:
МАРКО 13: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.