Лого на YouVersion
Икона за пребарување

НЕЕМИЈА 6

6
в. Итрина на непријатели. Неемиева непоколебливост
1Кога Санавалат, Товиј, Арабјанецот Гисем и другите наши непријатели чуле дека го обновив ѕидот и дека не остана пролом во него - имено до тоа време не ги имав наместено крилата на вратите - 2Санавалат и Гисем ми порачаа: „Дојди да се состанеме во Кефир, во Ононската Долина.“ Но тие ми мислеа зло. 3Затоа им испратив гласници со овој одговор: „Зафатен сум со голема работа и не можам да слезам: работата ќе заостане ако ја оставам, за да дојдам кај вас!“ 4Четири пати ми го праќаа истиот повик, и јас им го давав истиот одговор. 5Тогаш, петти пат, со иста намера, Санавалат ми го испрати својот слуга со отворено писмо. 6Во него пишуваше: „Се слуша во народот - а Гасмуј потврдува - дека ти и Јудејците се подготвувате за бунт; затоа и го градиш ѕидот, и дека сакаш да станеш нивни цар, како што велат. 7И дека си поставил пророци за да го разгласат твојот успех во Ерусалим и да речат: ‘Јудеја има цар!’ Сега тие гласови ќе стигнат до ушите на царот: затоа дојди за да се посоветуваме.“ 8Но јас му одговорив: „Ништо не е така како што тврдиш; сето тоа е само измислица на твоето срце.“ 9Зашто тие сакаа да нѐ уплашат, говорејќи: „Ќе им се изнемоштат рацете од работа, и никогаш нема да ја завршат.“ А јас напротив, ги закрепнав своите раце!
10Отидов кај Семај, синот на Далаја, син Метавеилов, кој се беше затворил во својата куќа. Тој ми објави: „Да се најдеме во Божјиот Дом сред Храмот, и да ја затвориме вратата на Храмот, зашто ќе дојдат да те убијат. Да, уште ноќеска ќе дојдат да те убијат!“ 11А јас одговорив: „Зар да бега човек каков што сум јас? Кој човек, сличен на мене, може да влезе во Храмот и да остане жив? Не, јас не одам.“ 12И тогаш разбрав: Бог не го испратил, туку ми го објави пророштвото, зашто Товиј и Санавалат го поткупија, 13за да постапам онака, исплашен, та да згрешам. Тоа ќе им послужеше да ме озлогласат и да ми се потсмеваат! 14Спомни си, Боже мој, за Товиј и за Санавалат според овие нивни дела, а и за пророчицата Ноадија и за другите пророци, што сакаа да ме исплашат.
15Ѕидот беше завршен на дваесет и петтиот ден на Елул, за педесет и два дена. 16А кога чуја сите наши непријатели и видоа сите многубошци околу нас, тоа беше чудо во нивните очи, зашто сфатија дека нашиот Бог го направи тоа дело. 17А во оние денови многу еврејски големци често му праќаа свои писма на Товиј, и примаа многу од Товиј. 18Зашто мнозина во Јудеја беа поврзани со заклетва со него: та беше во роднинство со Сеханиј, синот Арахов, и со неговиот син Јоанан, кој ја зеде за жена ќерката на Месулам, синот Варахиев. 19И ги величаа пред мене неговите дела, а нему му ги пренесуваа моите зборови. Затоа Товиј и испраќаше писма да ме исплаши.

Селектирано:

НЕЕМИЈА 6: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се