Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 10

10
СОКРОВИШТЕ НА МУДРОСТ
10:1-22:16
А. Праведен и грешен
1Пословици Соломонови: Мудриот син го радува таткото, а безумниот син е тага на својата мајка. 2Не ползува ништо нечесно богатство, додека праведноста избавува од смрт. 3Господ не остава да гладува душата на праведниот. но ја отфрла лакомоста на нечесните. 4Мрзливата рака го осиромашува човекот, а трудољубивата го збогатува. 5Кој собира лете, разумен син е, а кој спие во жетвата донесува срам. 6Благословите се над главата на праведникот, а устата на нечесните кријат насилство. 7Благословен е праведниковиот спомен, а името на нечесниот ќе изгние. 8Кој е со мудро срце, прима заповеди, додека брбливиот безумник пропаѓа. 9Кој живее непорочно, оди без страв, а кој оди по криви патишта, ќе се познае. 10Кој намигнува со окото, задава тага, а кој зборува лудо, пропаѓа. 11Устата на праведниот се извор на живот, а устата на нечесниот крие насилство. 12Омразата предизвикува раздор, а љубовта ги покрива сите погрешки. 13Во усните на разумниот се наоѓа мудрост, а стапот е за плеќите на неразумниот. 14Мудрите го кријат знаењето, а устата на неразумните е близу до пропаста. 15Имотот на богатиот му е укрепен град, а на сиромашните сиромаштвото е нивна погибел. 16Праведниот печали за живот, а нечесниот печали за грев. 17Кој се придржува до поуките, е на патот на животот, а кој го отфрла укорот се заблудува.
18Лажливите усни ја кријат омразата, а кој шири клевети - безумен е! 19Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е. 20Праведниковиот јазик е одбрано сребро, а срцето на нечесниот е безвредно. 21Усните на праведниот се храна на мнозина, а глупавите умираат од недостаток на разум. 22Господовиот благослов збогатува и не придодава никаква мака.
Б. Господов страв прибавува живот
23За безумниот е радост да направи срамно дело, а за разумниот да биде мудар. 24Од што се плаши нечесниот, тоа ќе го најде, а желбата на праведниот се исполнува. 25Како виорот што поминува, така го снемува нечесниот, а праведникот има вечна основа. 26Какви се киселината за забите и димот за очите, таков е мрзливецот за оние што го праќаат. 27Стравот од Господа ги умножува деновите, а на нечесните им се скратуваат годините. 28Надежта на праведните е полна со радост, а надежта на нечесните пропаѓа. 29Господовиот пат е закрила на праведникот, а пропаст за оние што прават зло. 30Праведникот никогаш нема да се поколеба, а нечесните ќе ги снема од лицето на земјата. 31Од устата на праведникот блика мудрост, а лажливиот јазик ќе биде отсечен. 32Усните на праведникот знаат што е благопријатно, додека устата на нечесните што е злобата.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се