Сине мој, ако ги примиш моите зборови и ги запазиш моите заповеди во себе, и со своето уво ја послушаш мудроста и го обратиш своето срце кон разумот; да, ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште - тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога. Зашто Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот. Тој им ја укажува Својата помош на праведните, штит им е на оние што одат непорочно. Зашто Тој ги штити патиштата на правдата и го чува патот на Своите свети. Тогаш ќе ги сфатиш: правдата, правосудството и верноста, а и секој добар пат. Зашто мудроста ќе влезе во твоето срце и знаењето ќе ја зарадува твојата душа. Расудувањето ќе те пази тебе и разумноста ќе те чува: За да те избави од лош пат, од измамлив човек, од оние што ги оставаат патеките на чесноста, па одат по мрачни патишта; кои се веселат правејќи зло и ликуваат во изопаченоста на лошото; чии патеки се криви, и кои се опаки на своите патишта. За да те избави од прељубница и од туѓинка, што ласка со зборови, која го остава пријателот на својата младост и го заборава заветот на својот Бог. Зашто куќата ѝ тоне во смрт, и нејзините патишта водат кон мртвите, кој влегува при неа, не се враќа никогаш, и не ги наоѓа повеќе патиштата на животот. Затоа, оди по патот на добрите и држи се за патеките на праведниците! Зашто само праведните ќе ја населат земјата и непорочните ќе останат на неа; а беззакониците ќе бидат збришани од земјата, и богохулниците ќе бидат искоренети од неа.
Прочитај ПОСЛОВИЦИ 2
Сподели
Спореди ги сите верзии: ПОСЛОВИЦИ 2:1-22
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа