Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 102

102
Повик за милосрдие и за Сион
1. Страдање на псалмопевец
Молитва на страдалник, кога тој тажи и ја излива својата тага пред Господа.
1Господи, послушај ја мојата молитва, и мојот повик нека стигне до Тебе! 2Не го криј Твоето лице од мене, во денот на мојата неволја! Наведни го Твоето уво кон мене: во денот кога ќе Те повикам, послушај ме бргу! 3Зашто моите денови исчезнуваат како дим, а моите коски горат како оган. 4Моето срце се суши како косена трева и заборавам да го јадам мојот леб. 5Од моите силни офкања, моите коски се долепија до мојата кожа. 6Сличен сум на несит во пустина, станав како буф во пуста урнатина. 7Лишен сум од сон, како осамено врапче на покривот.
8Секојдневно ме укоруваат моите непријатели, тие што беснеат на мене, проколнуваат со моето име. 9Јадам пепел како леб, а својот пијалак го мешам со солзи, 10заради Твојата лутина и гневот, зашто ме воздигна и ме фрли. 11Моите денови се како издолжена сенка, а јас, ете, се сушам како трева.
2. Предвечен Бог - прибежиште на Сион
12А Ти, о Господи, остануваш довека, и Твоето име низ сите родови. 13Стани, смилувај му се на Сион: Време е да му се смилуваш, сега е часот! 14Зашто мили им се неговите камења на твоите слуги, ги жалат неговите урнатини.
15Тогаш, Господи, многубошците ќе се бојат од Твоето име, и сите цареви на земјата од Твојата слава. 16Кога Господ пак ќе го изгради Сион, кога ќе се покаже во Својата слава, 17кога ќе погледне кон молитвите на лишените, и не ја презре нивната молитва.
18Нека се запише ова за идното поколение, и луѓето што ќе бидат создадени, ќе Го фалат Господа. 19Зашто Бог гледа од Своето возвишено светилиште, гледа од небесата кон земјата, 20за да ги чуе воздишките на затворените, за да ги ослободи осудените на смрт, 21за да се навести Господовото име на Сион, и Неговата фала во Ерусалим, 22кога ќе се соберат народите и царствата, за да Му служат на Господа.
3. Увереност во избавување
23Патем ги истроши моите сили, ми ги скрати деновите. 24Реков: „Мој Боже, не ме земај во средина на моите дни! Твоите години остануваат низ сите поколенија. 25Во почетокот ја основа земјата и небото е дело на Твоите раце. 26Тие ќе исчезнат, а Ти ќе останеш, сѐ ќе остарее како облеката. Ги менуваш како облеките, и ги снемува. 27Ти си секогаш ист - нема крај на Твоите години. 28Децата на Твоите слуги ќе живеат во мир, и нивното потомство ќе трае пред Тебе.“

Селектирано:

ПСАЛМИ 102: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се