Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 106

106
Пофалба на Божјо милосрдие кон грешен народ
1. Молитва за милосрдие
1Алилуја! Фалете Го Господа, зашто е благ! Зашто е вечна Неговата милост! 2Кој може да ги искаже Господовите моќни дела? Кој ли ќе Му ги разгласи сите Негови пофалби? 3Блажени се оние, кои ги држат Неговите наредби и кои прават правда во секое време!
4Спомни си за мене, Господи, според добрината кон Својот народ, посети ме со Своето спасение, 5за да ја уживам среќата на Твоите избраници, за да се радувам со радоста на Твојот народ, за да се фалам со Твоето наследство.
2. Израелев грев пред Црвено Море
6Згрешивме како нашите татковци, правевме беззаконија, работевме безбожно. 7Нашите татковци во Египет, незагрижени за Твоите чудеса, не си спомнуваа за Твојата голема милост, туку се побунија крај морето, крај Црвеното Море. 8Но Тој ги избави заради Своето Име, за да ја покажеш Својата сила. 9Му заповеда на Црвеното Море и тоа пресуши, ги преведе меѓу брановите како низ пустина. 10Ги избави од рацете на нивните мразители, ги ослободи од рацете на душманите. 11И водите ги покрија нивните непријатели, не остана ниеден од нив. 12Тогаш поверуваа на Неговите зборови и Му пееја пофалби.
3. Израелеви гревови во пустина
13Но речиси ги заборавија Неговите дела, не се надеваа на Неговата волја. 14Се полакомија многу во пустината, Го искушуваа Бога во осаменост. 15И им даде што бараа, но им испрати треска во нивните души.
4. Датанов и Авиронов грев
16Му завидеа тогаш на Мојсеја, во логорот, на Арона, Господовиот светија. 17Земјата се отвори и го голтна Датана, и ја покри Авироновата дружина. 18Оган падна врз сета негова дружба и пламенот ги изгоре злотворите.
5. Златно теле при Хорив
19Направија теле во Хорив, му се поклонуваа на лик излеан од злато. 20Ја заменија својата Слава со лик на бик, што јаде трева. 21Го заборавија Бога, Спасителот свој; во Египет, правејќи знаци 22и чудеса во Хамовата Земја, и стравотии при Црвеното Море. 23Веќе намисли да ги сотре, но Мојсеј, Неговиот избраник, се зазеде за нив, за да Му го одврати гневот и да не ги уништи.
6. Презир кон Ханаанска Земја
24Ја презреа тие пожелуваната земја, не верувајќи Му на Неговото слово. 25Роптаа под своите шатори, не го послушаа Господовиот глас. 26Се заколна тогаш со крената рака: ќе ги покоси сите во пустината, 27ќе го распрсне нивното поколение меѓу народите, ќе ги растури нив по земјата.
7. Валфегор
28Му се посветија на Валфегора и јадоа жртви за мртвите. 29Го предизвикаа со своите зли дела, и Тој фрли на нив помор. 30Но стана Финес, и Го умилостиви, и поморот го снема тогаш. 31Тоа му се засмета за заслуга, во сите поколенија довека.
8. Израелев грев при водите на Мерива
32Го разгневија пак кај Меривските Води, и зло го погоди Мојсеја заради нив, 33зашто му го огорчија духот, изусти невнимателен збор.
9. Израелево идолопоклонство во Ханаан
34И не ги истребија народите, за кои Господ им беше наредил. 35Се измешаа со многубошците, ги научија нивните дела; 36ги почитуваа нивните ликови, што им станаа стапица. 37Им ги жртвуваа своите синови и своите ќерки на демоните. 38Пролеваа невина крв, крвта на своите синови и ќерки, што ги жртвуваа на ханаанските ликови. Земјата беше онечистена од крв, 39се извалкаа со своите дела, направија прељуба со своите зли дела.
10. Казнување на Израел
40Господ пламна со гнев на Неговиот народ, Му се згнаси Неговото наследство. 41Ги предаде во рацете на многубошците, и нивните мразители управуваа над нив. 42Непријателите ги измачуваа и ги угнетуваа со својата рака. 43Ги избавуваше пречесто, ама Го разјарија со своите совети: беа покосени заради своите беззаконија.
11. Божјо милосрдие
44Тој погледна пак на нивната неволја, кога ги чу нивните молитви 45и се сети за Својот Завет со нив, се сожали на нив во Својата голема милост. 46Направи да најдат милост кај оние, што ги пленија.
12. Заклучна молитва
47Спаси нѐ, Господи, наш Боже, и собери нѐ од безбожните народи, за да Го славиме Твоето свето Име, за да се фалиме со Твојата Слава. 48Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ нека рече: „Амин! Алилуја!“

Селектирано:

ПСАЛМИ 106: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се