ПСАЛМИ 119
119
Господов Закон
АЛЕФ. Блаженство на оние, кои го пазат Неговиот Закон
1Блажени се чиј пат е непорочен, кои одат според Господовиот Закон! 2Блажени кои: ги чуваат Неговите сведоштва, Го бараат со целото срце. 3Кои не прават беззаконие, туку одат по Неговите патишта. 4Ги даде Своите прописи, за да бидат пазени грижливо. 5О, кога би биле цврсти моите патишта, за да ги чувам Твоите правила! 6Не ќе се засрамам тогаш, кога ќе внимавам на сите Твои заповеди. 7Ќе Те славам во чесноста на срцето, кога ќе ги научам пресудите на Твојата правда. 8Ќе ги чувам Твоите повелби: не ме оставај никогаш!
БЕТ. Светост - плод на пазење на Господов Закон
9Како ќе го запази младиот човек чист својот пат? чувајќи ги Твоите зборови. 10Те барам Тебе со целото свое срце; не оставај да скршнам настрана од Твоите заповеди. 11Во срцето го запазив Твојот збор, за да не згрешам против Тебе. 12Благословен си, о Господи, научи ме на Своите повелби. 13Со своите усни ги навестувам, сите судови на Твојата уста. 14Се радувам на патот на Твоите прописи, повеќе отколку на сето богатство. 15Ќе размислувам за Твоите повелби и ќе ги разгледувам Твоите заповеди. 16Ќе се насладувам во Твоите правила, не ќе ги заборавам Твоите слова.
ГИМЕЛ. Очи за согледување на чудесата на Господовиот Закон
17Биди милостив кон мене, кон Твојот слуга, за да живеам и да ги чувам Твоите зборови. 18Отвори ги моите очи, за да ги гледам убавините на Твојот Закон! 19Јас сум придојденик на земјата, не ги криј од мене Твоите заповеди! 20Душата ми се истоштува во секое време, копнеејќи за Твоите одлуки. 21Ти им се закани на гордите, проклети да се оние, што отстапуваат од Твоите заповеди. 22Оддалечи ги од мене: презрението и срамот, зашто јас ги чувам Твоите сведоштва. 23Кнезовите се состануваат и зборуваат против мене, Твојот слуга ќе размислува за Твоите заповеди. 24Зашто Твоите сведоштва се моја наслада, Твоите повелби се мои советници.
ДАЛЕТ. Молитва за разбирање на Божјите патишта
25Мојата душа лежи во прав: врати ми го животот според Твојот збор. 26Ти ги кажував сите свои патишта и Ти ме чу: ме научи на Твоите заповеди. 27Покажи ми го патот со Твоите правила и ќе размислувам за Твоите чудеса. 28Мојата душа рони солзи од тага, подигни ме според Твојот збор! 29Држи ме далеку од патот на заблудата и надари ме милостиво со Твојот Закон. 30Јас го одбрав патот на вистината, пред очите ги ставив Твоите одлуки. 31Јас цврсто се прилепив до Твоите прописи, о Господи, немој да ме посрамуваш! 32Јас чекорам по патот на Твоите заповеди, зашто Ти ми го осветли срцето.
ХЕ. Верност врз основа на Божји ветувања
33Покажи ми ја Господи, врвицата на Твоите правила и јас ќе ја чувам до крај. 34Научи ме да се придржувам кон Твојот Закон и ќе го чувам со сето срце. 35Упати ме по патеката на Твоите заповеди, зашто јас се насладувам во неа. 36Приклони ми го срцето кон Твоите прописи, а не кон среброљубие! 37Одврати ги моите очи да не ја гледаат суетата, чувај ми го животот на Твојот пат! 38Исполни ги ветувањата на Твојот слуга, што им ги даде на оние кои се бојат од Тебе! 39Отстрани го срамот, од кој се плашам, зашто се благи Твоите пресуди. 40Еве, копнеам по Твоите наредби: поживи ме со Твојата правда.
ВАВ. Спасение преку Господово слово
41О, Господи, нека Твојата милост дојде врз мене, и Твоето спасение според Твоето ветување. 42Ќе им одговорам на оние што ме исмеваат, зашто се надевам на Твоето слово. 43Не одземај го зборот на вистината од мојата уста, зашто се надевам на Твоите судови. 44Ќе го пазам Твојот Закон постојано и довека. 45Ќе одам нашироко, зашто ги истражувам Твоите повелби. 46Ќе зборувам за Твоите прописи пред царевите и нема да се збунам. 47Мојата наслада е во Твоите заповеди, зашто ги љубам. 48Јас ги подигам рацете кон Твоите заповеди, зашто ги љубам и размислувам за Твоите повелби.
ЗАИН. Господово Слово - извор на надеж и утеха
49Спомни си за Твоето слово кон Твојот слуга, со кое ми даде надеж. 50Во неволја Твојот збор ми е сета утеха, тој ми е живот. 51Гордите ме напаѓаат жестоко; но јас не отстапувам од Твојот Закон. 52Се сеќавам, о Господи, за Твоите дамнешни пресуди и тоа ме утешува. 53Гнев ме опфаќа заради грешниците, што го напуштаат Твојот Закон! 54Твоите повелби ми се песна, во земјата низ која патувам. 55Ноќе си спомнувам, Господи, за Твоето име, и го чувам Твојот Закон. 56Еве што е мојата желба: да ги чувам Твоите повелби.
ХЕТ. Мој дел: пазење на Твои слова
57Мој дел е, Господ - реков - да ги пазам Твоите зборови. 58Го барав Твоето лице со сето мое срце, помилувај ме според Твоето слово. 59Размислував за своите патишта и ги насочив нозете кон Твоите сведоштва. 60Побрзав и не се двоумам да ги чувам Твоите заповеди. 61Ме сплеткаа јажињата на грешниците, но јас не го заборавам Твојот Закон. 62Станувам, на полноќ, за да Те славам, заради Твоите праведни одлуки. 63Пријател сум им на сите, што се бојат од Тебе и што ги чуваат Твоите наредби. 64Господи, земјата е полна со Твојата милост, научи ме на Твоите повелби.
ТЕТ. Учење на Господови слова преку страдање
65Господи, му стори добро на Твојот слуга, според Твојот збор. 66Научи ме на разум и знаење, зашто верувам во Твоите заповеди. 67Скитав, пред да бидам понижен, но сега го чувам Твојот збор. 68Ти си толку благ и добар, научи ме на Твоите правила. 69Горделивите смислуваат клевета против мене, но јас со сето срце се придржувам кон Твоите правила. 70Срцето им е здебелено од маст, а јас се насладувам во Твојот Закон. 71Добро ми е дека се мачев за да ги научам Твоите повелби. 72Помил ми е Законот на Твојата уста, отколку илјади златници и сребреници.
ЈОД. Господов Закон - основа за општење на верни
73Твоите раце ме направија и ме создадоа; вразуми ме за да ги научам Твоите заповеди. 74Оние кои се бојат од Тебе се веселат кога ќе ме видат, зашто јас се надевам на Твојот збор. 75Знам, о Господи, дека Твоите судови се праведни, и според верноста Твоја Ти ме измачи. 76Твојата љубов нека ми биде тешителка, според ветувањето што му го даде на Твојот слуга. 77Нека дојде врз мене Твојата милост, и јас ќе живеам, зашто Твојот Закон е моја наслада. 78Нека се збунат гордите, зашто ме угнетуваат за ништо, а јас ќе размислувам за Твоите наредби. 79Нека се обратат кон мене оние кои се бојат од Тебе, и кои ги знаат Твоите сведоштва. 80Нека моето срце биде совршено во Твоите повелби, за да не бидам засрамен.
КАФ. Жед за мир и за утеха
81Мојата душа копнее за Твоето спасение, со надеж го чекам Твојот збор. 82Моите очи копнеат за Твојата беседа; кога ќе ми донесеш утеха? 83Станав како мев во дим, но не ги заборавам Твоите повелби. 84Колку денови има Твојот слуга? Кога ќе ги судиш моите гонители? 85Гордите ми ископаа јама: тие не работат според Твојот Закон. 86Сите Твои заповеди се вистински: невин ме гонат, помогни ми! 87За малку ќе ме погубеа во земјата, но јас не ги оставам Твоите наредби. 88Оживеј ме според Твојата милост, и ќе ги чувам сведоштвата на Твојата уста.
ЛАМЕД. Вечност на Божји Закон
89О Господи, Твојот збор останува довека, постојан како небесата. 90Твојата милост е од род до род; ја зацврсти земјата, и таа стои. 91Стојат засекогаш според Твоите закони, зашто сѐ Ти служи Тебе. 92Да не е Твојот Закон: мое уживање, би пропаднал во мојата неволја. 93Нема да ги заборавам Твоите наредби довека, зашто преку нив Ти ме оживуваш. 94Твој сум, спаси ме; зашто јас ги барам Твоите наредби. 95Грешниците дебнат за да ме погубат, но јас внимавам на Твоите сведоштва. 96Му ја гледам границата на секое совршенство, а Твојата заповед нема граница.
МЕМ. Љубов кон Господов Закон
97О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него. 98Твојата заповед ме направи помудар од моите непријатели, зашто таа е вечно со мене. 99Поумен сум од сите мои учители, зашто размислувам за Твоите сведоштва. 100Поразумен сум и од старците, зашто ги чувам Твоите наредби. 101Воздржи ги моите нозе од лошиот пат, за да го запазам Твојот збор. 102Не отстапувам од Твоите судови, зашто Ти ме поучи. 103Колку се слатки на моето непце Твоите зборови, послатки се од мед во мојата уста. 104Станувам разумен според Твоите повелби зашто ги мразам сите лажни патишта.
НУН. Господово Слово - светилник на мои нозе
105Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека. 106Се колнам и одлучувам цврсто, да ги одржам Твоите праведни одлуки. 107Во голема неволја сум Господи, оживотвори ме според Твоето слово. 108Прими ги доброволните приноси на мојата уста, Господи, научи ме на Твоите судови. 109Мојот живот е во постојана гибел, но јас не го заборавам Твојот Закон. 110Грешниците ми поставија стапица, но не се отклонувам од Твоите наредби. 111Твоите сведоштва ми се вечно наследство, тие се радост во моето срце. 112Го приклонив срцето, за да ги врши Твоите повелби, секогаш и до крај.
САМЕХ. Господово Слово - мој покрив и мој штит
113Јас ги мразам неодлучните, а го љубам Твојот Закон. 114Ти Си мој штит и мое засолниште, Јас се надевам на Твоето слово. 115Отстранете се од мене злосторници, ќе ги пазам заповедите на мојот Бог. 116Поткрепи ме според Твоето ветување, и ќе живеам; немој да се засрамам во својата надеж. 117Помогни ми и ќе се спасам, ќе внимавам секогаш на Твоите повелби. 118Ти ги презираш оние, што отстапуваат од Твоите повелби зашто е лажна нивната мисла. 119Ги отстранувам како ѓубре злотворите на земјата, затоа ги љубам Твоите сведоштва. 120Моето тело трепери од страв пред Тебе, јас се плашам од Твоите судови.
АИН. Псалмопевецот го запазил Господовиот Закон
121Направив суд и правда не ме предавај на моите угнетувачи. 122Застапи се за Твојот слуга, за да не ме сотрат горделивите! 123Моите очи копнеат за Твоето спасение, за Твојот праведен збор. 124Постапувај со Твојот слуга според Твојата милост и научи ме на Твоите повелби. 125Јас сум Твој слуга, вразуми ме, за да ги запознаам Твоите сведоштва. 126О Господи, време е да дејствуваш: зашто го нарушија Твојот Закон. 127Затоа ги љубам Твоите заповеди, повеќе од злато, од пречистено злато. 128Затоа ги почитувам сите Твои наредби, во секое нешто, омразени ми се сите лажни патишта.
ПЕ. Молитва за пазење на Господов Закон
129Прекрасни се Твоите сведоштва, затоа мојата душа ги пази. 130Објаснувањето на Твоите зборови просветлува, ги вразумува простодушните. 131Ја отворам мојата уста и воздивнувам, зашто копнеам за Твоите заповеди. 132Сврти се кон мене и биди ми милостив, како на оние, кои го љубат Твоето име. 133Управувај ги моите чекори, за да не завладее со мене никакво беззаконие. 134Избави ме од човечкото насилство, и ќе ги чувам Твоите наредби. 135Со Твоето лице осветли го Твојот слуга, и научи ме на Твоите повелби! 136Потоци солзи потекоа од моите очи, зашто не се запазува Твојот Закон.
ЦАДЕ. Господ и Неговиот Закон се праведни
137Праведен си, Господи, и прави се Твоите судови. 138Твоите сведоштва што си ги заветувал се правда и величествена вистина. 139Мојата ревност ме подјадува, зашто моите угнетувачи ги забораваат Твоите зборови. 140Твоите зборови се испитани многу, затоа Твојот слуга ги љуби. 141Мал сум и презрен, но Твоите наредби не ги заборавам. 142Твојата правда е вечна правда и Твојот Закон е чиста вистина. 143Ме снајдоа тешкотии и неволји; но Твоите заповеди се моја наслада. 144Вечна е правдата на Твоето сведоштво, вразуми ме, и ќе живеам.
КОФ. Повик за спасение
145Викам, од сето срце, Господи, послушај ме: ќе ги пазам Твоите повелби. 146Кон Тебе викам, спаси ме, ќе се држам за Твоите сведоштва. 147Ја престигнав зората и се молам за помош, се надевам на Твоите зборови. 148Моите очи ги престигнуваат ноќните стражи, за да размислувам за Твојата беседа. 149Господи, послушај го мојот глас, според Твојата добрина, и оживи ме според Твојата одлука. 150Наближуваат оние кои ме гонат неправедно, тие се далеку од Твојот Закон. 151А и Ти си близу, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. 152Одамна знам за Твоите сведоштва дека ги создаде засекогаш.
РЕШ. Пазење на Господов Закон при беди
153Погледај на мојата неволја, избави ме, зашто не го заборавам Твојот Закон. 154Брани ја мојата парница и откупи ме, поживи ме според Твоето ветување. 155Спасението е далеку од грешниците, зашто не се грижат за Твоите повелби. 156Голема е, Господи, Твојата милост: поживи ме според Твоите одлуки. 157Мнозина ме гонат и угнетуваат, јас не отстапувам од Твоите прописи. 158Ете, видов отпадници и ми се згадија, зашто не ги чуваа Твоите зборови. 159Ете, ги љубам Твоите зборови, о Господи, поживи ме според Твојата милост. 160Целината на Твојот збор е вистина, секој од Твоите праведни судови е вечен.
ШИН. Молитва за избавување од гонења
161Кнезовите ме прогонуваат без причина, но моето срце трепери само пред Твоите зборови. 162Им се радувам на Твоите беседи, како оној што наоѓа многу користи. 163Ја мразам лагата и се гнасам од неа, а го љубам Твојот Закон. 164Те прославувам Тебе седумпати дневно, заради Твоите праведни судови. 165Оние кои го љубат Твојот Закон, уживаат голем мир, не се сопнуваат на ништо. 166Ја чекам Твојата помош, о Господи, ги извршувам Твоите заповеди. 167Мојата душа ги чува Твоите сведоштва и ги љуби многу. 168Ги чувам Твоите наредби и Твоето сведоштво, зашто сите мои патишта се пред Тебе.
ТАВ. Заклучна молитва
169Господи, моето викање нека стигне до Тебе, вразуми ме според Твојот збор. 170Нека дојде мојата молитва пред Твоето лице, избави ме според Твојот збор. 171Моите усни нека запеат пофална песна, зашто ме научи на Твоите повелби. 172Мојот јазик нека пее за Твоето слово, зашто сите Твои заповеди се праведни. 173Твојата рака нека ми биде на помош, зашто ги избрав Твоите наредби! 174Господи, копнеам за Твоето спасение, се насладувам во Твојот Закон. 175Нека живее мојата душа и нека Те фали, а Твоите судови нека ми бидат на помош! 176Јас заскитав како изгубена овца; о побарај го Твојот слуга, зашто јас не ги заборавив Твоите заповеди.
Селектирано:
ПСАЛМИ 119: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.