ПСАЛМИ 37
37
Мудрост на старец
1. Благосостојба на праведник и казна на нечесен
Давидов псалм.
1Не се лути на злосторниците, ниту им завиди на оние што прават беззаконие. 2Се сушат брзо како трева, венеат брзо како зелено растение. 3Надевај се на Господа и прави добро, живеј на земјата и храни се со вистината.
4Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце! 5Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сѐ. 6Твојата правда ќе блесне како светлина и твојот суд како пладне. 7Смири се пред Господа и надевај се на Него, не дразни се заради оној, кој напредува на својот пат, заради човекот кој кове подлост. 8Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло. 9Зашто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога, ќе ја наследат земјата. 10Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема. 11Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир.
2. Споредба меѓу нечесен и справедлив
12Безбожникот му смислува зло на праведникот и со забите чкрта на него. 13А Господ му се смее, зашто гледа дека доаѓа неговиот ден. 14Безбожниците истргнуваат меч и оптегнуваат лакови, за да ги оборат немоќните и бедните, да ги заколат оние, што одат по прав пат. 15Со мечот ќе го прободат сопственото срце, ќе се скршат нивните лакови.
16Подобро е и малку на праведникот, отколку големо благо на многу безбожници. 17Зашто рацете на злотворот ќе се скршат, а Господ е поткрепа на праведникот. 18Господ се грижи за животот на чесните, нивното наследство ќе трае довека. 19Нема да се засрамат во време на неволја, ќе бидат сити во дните на глад. 20А безбожниците ќе пропаднат, Господовите врагови ќе овенат како цвеќе по ливаѓето, ќе се расплинат како дим. 21Безбожникот заема но не враќа, праведникот се сожалува и дава. 22Оние кои Господ ќе ги благослови, ќе ја наследат земјата, а кои ќе ги проколне, ќе бидат истребени.
3. Избавување и безбедност на праведник
23Господ ги води и зацврстува чекорите на добриот човек, и мил Му е неговиот пат. 24И ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака. 25Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб. 26Секогаш е милостив и дава на заем, благослов е врз неговото потомство. 27Отстранувај се од злото и прави добро и ќе останеш довека. 28Зашто Господ ја љуби правдата и Своите свети не ги остава. Засекогаш ќе бидат сочувани, ќе биде истребено потомството на безбожниците. 29Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа. 30Праведниковата уста кажува мудрост, а неговиот јазик говори право. 31Божјиот закон му е во срцето, неговите чекори не се колебаат. 32Грешникот го демне праведникот и бара да го убие; 33но Господ нема да го остави во негова власт и не ќе допушти да го осудат на суд. 34Надевај се на Господа и држи се за Неговиот пат; Тој ќе те возвиши и ќе ја наследиш земјата; радосно ќе ја гледаш пропаста на безбожните.
35Видов бесен злосторник, како се шири како разгранчен кедар. 36Поминав и ете - го нема веќе; го побарав, и не го најдов. 37Набљудувај го чесниот и гледај го непорочниот; миротворецот има потомство. 38А сите грешници ќе бидат откорнати, ќе биде истребено злочинечкото семе. 39Од Господа доаѓа спасение на праведните, Тој им е засолниште во лоши времиња. 40Господ им помага, Тој ги избавува: Тој ќе ги избави од нечесните и ќе ги спаси, зашто кај Него бараат прибежиште.
Селектирано:
ПСАЛМИ 37: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.