ПСАЛМИ 73
73
ТРЕТА КНИГА
73-89
Времен успех на безбожници
1. Искушување да му се завиди на безбожник
Асафов псалм.
1Бог е навистина добар кон Израел, кон оние што имаат чисто срце! 2А мене, за малку, ќе ми се сопнеа нозете, за малку ќе ми се лизнеа чекорите, 3Зашто им завидев на злочинците, набљудувајќи го напредокот на грешниците.
2. Тајна на успех на грешни
4Никакво страдање не носат, нивното тело е дебело. 5Не живеат во маките на смртниците, не ги удираат човечките неволји. 6Затоа гордоста е ѓердан на нивниот врат, а насилството облека што ги покрива. 7Од здебеленоста им испакнуваат очите, таа се прелева во срцето. 8Тие се потсмевнуваат и зборуваат злобно, со насилства се закануваат одозгора. 9Со устата се нафрлаат врз небото, а нивниот јазик ја обиколува земјата.
3. Тага на праведник
10Затоа мојот народ се враќа и пие изобилно вода, 11Па велат: „Од каде знае Бог? Сознава ли Сѐвишниот?“ 12Ете, такви се грешниците: секогаш спокојни, збираат богатство. 13И така, дали само јас го чував напразно моето срце чисто и ги миев рацете во невиност. 14Кога примав удари секој ден, и казна утро по утро?
4. Решение на тајна
15Да речев: „Ќе зборувам како нив,“ ете, би бил предавник на родот на твоите синови. 16И размислував како да го сознаам тоа: но ми се гледаше мачно во моите очи, 17сѐ додека не најдов влез во Божјото Светилиште, и го согледав каков им е свршетокот. 18Навистина, Ти ги поставуваш на лизгава патека, ги обрнуваш во пропаст! 19Како одеднаш, тие стигнаа во запустување, погинаа, исчезнаа од ужаси! 20Како што човекот го презира сонот, кога ќе се разбуди, така Господи, ќе го презреш нивниот лик, штом станеш.
5. Увереност во Божјо избавување
21Кога мојата душа беше јадосана, а бубрезите прободени, 22Бев безумник без разбирање, како животинче пред Тебе. 23Но отсега секогаш ќе бидам со Тебе, зашто Ти ја прифати мојата десница: 24ќе ме водиш според Твојот совет, за да ме земеш потоа во Својата слава. 25Кого имам јас на небо, освен Тебе? Кога сум со Тебе, ништо не сакам на земјата. 26Премалени ми се телото и срцето: Стено на моето срце, и мое наследство, о Боже, довека! 27Вистина, ќе пропаднат оние, што се оддалечуваат од Тебе, го истребуваш секој, што ќе Те изневери. 28А за мене милина е да бидам во Божја близина, да имам свое засолниште во Тебе, Господи Боже. Ќе ги проповедам сите Твои дела.
Селектирано:
ПСАЛМИ 73: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.