Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ОТКРОВЕНИЕ 2

2
Писмо до црквата во Ефес
1На ангелот на црквата во Ефес напиши му: ова го зборува Оној, Кој ги држи седумте ѕвезди во Својата десница, Кој оди среде седумте златни светилници. 2Ги знам твоите дела и твојот труд и твоето трпение; и дека не можеш да ги поднесуваш лошите, и ги испита оние, кои тврдеа дека се апостоли, а не се, и најде дека се лажци; 3и имаш трпение, и си претрпел за Моето име, си се трудел, и не се умори. 4Но имам нешто против тебе, зашто ја остави својата прва љубов. 5И така, спомни си од каде падна, и покај се, и врши ги своите први дела; а ако не, скоро ќе дојдам при тебе и ќе го отстранам твојот светилник од неговото место, ако не се покаеш. 6Туку ова го имаш: ги мразиш делата на николаитите, кои и Јас ги мразам. 7Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите: „На оној, кој победува, ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај!“
8И на ангелот на црквата во Смирна напиши му: „Ова го зборува Првиот и Последниот, Кој умре и оживе: 9ги знам твоите дела неволјата и сиромаштвото - но ти си богат - и хулите на оние, кои зборуваат дека се Јудејци, а не се, туку се сатанска синагога. 10Не бој се од она, што ќе претрпиш. Ете, ѓаволот ќе фрли некои од вас во темница, за да бидете искушувани, и ќе бидете во неволја десет дни. Биди верен до смрт и ќе ти дадам круната на животот. 11Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите: „На оној кој победува - втората смрт нема да му нанесе штета.“
Писмо до црквата во Пергам
12На ангелот на црквата во Пергам напиши му: „Ова го вели Оној, Кој има меч остар од двете страни: 13ги знам делата твои, и каде живееш, каде е престолот на сатаната; и го држиш Моето име, и не се одрече од верата во Мене, ни во деновите на Мојот верен сведок Антипа, кого го убија кај вас, каде живее сатаната. 14Но имам нешто малку против тебе: зашто имаш таму некои, кои го држат учењето на Валаама, кој го учеше Валака да ги наведе на соблазан Израелевите синови, за да јадат идоложртвуваното и да блудствуваат. 15Така и ти имаш некои, кои го држат на ист начин учењето на николаитите, кое го мразам. 16Затоа, покај се! Ако пак не, ќе дојдам скоро при тебе и ќе завојувам против нив, со мечот на Мојата уста.“ 17Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите: „На оној, кој победува, ќе му дадам од скриената мана, ќе му дадам и бел камен и на каменот напишано ново име, што никој не го знае, освен оној, кој го добива.“
Писмо до црквата во Тиатир
18И на ангелот на црквата во Тиатир напиши му: „Ова го зборува Божјиот Син, Кој има очи како огнен пламен, а нозете му се како сјаен бакар. 19Ги знам твоите дела, и твојата љубов и верата и службата, и твоето трпение, и твоите последни дела, кои се повеќе од првите. 20Но имам нешто против тебе: што ја трпиш жената Језавела, која се наречува себеси пророчица и која ги учи и ги заблудува Моите слуги, за да блудствуваат и да јадат идоложртвувано. 21Ѝ дадов време да се покае, но не сака да се покае за своето блудство. 22Еве, ќе ја фрлам на постела, и со неа оние, кои прељубодејствуваа со неа, во голема неволја, ако не се покајат за своите дела. 23И ќе ѝ ги погубам децата, и сите цркви ќе знаат дека Јас Сум Тој, Кој ги испитува бубрезите и срцата, и ќе му дадам секому од вас, според неговите дела. 24А вам и на другите во Тиатир, кои не го држат ова учење, кои - како што велат - не ги запознаа сатанските длабочини, ви велам: не ви наложувам друго бреме. 25Но држете го она, што го имате, додека дојдам. 26И на оној, кој победува, и ги пази Моите дела до крај, нему ќе му дадам власт над народите, 27и ќе ги пасе со железна палка; и тие ќе се строшат како глинени садови; како што и Јас примив од Мојот Татко. 28И ќе му ја дадам ѕвездата Деница. 29Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите!“

Селектирано:

ОТКРОВЕНИЕ 2: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се