РИМЈАНИТЕ 1
1
Вовед
1Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога, 2кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма, 3а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе, 4по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила - преку воскресението од мртвите - Исус Христос, нашиот Господ; 5преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово, 6меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа, 7- до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа.
8Пред сѐ Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет. 9И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас 10секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас; 11зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување, 12односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера - вашата и мојата. 13Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас - но бев спречуван досега - за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи. 14Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните. 15И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим.
16Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот. 17Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.“
Оправдание им е потребно на сите - на народите и на Јудејците
18Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината; 19зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа. 20Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор. 21Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи. 22Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, 23и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи.
24Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела; 25нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин!
26Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно; 27мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи - мажи со мажи - срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда.
28И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега: 29исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, 30клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите, 31неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие. 32Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават.
Селектирано:
РИМЈАНИТЕ 1: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.