РИМЈАНИТЕ 7
7
Ослободување од служење на Закон
1Или не знаете ли, браќа - им зборувам на оние, кои го познаваат Законот, дека законот има власт над човекот додека е жив? 2Така, омажената жена преку закон е врзана за мажот, додека е тој жив; но ако мажот умре, слободна е од законот, што ја сврзал со мажот. 3Според тоа, ако му стане жена на друг, додека нејзиниот маж живее, ќе биде прељубница; но ако мажот ѝ умре, слободна е од законот, и не е прељубница, ако се омажи за друг. 4Така и вие, браќа мои, умревте за законот преку Христовото тело, за да Му припаднете на Другиот, Кој воскресна од мртвите, за да Му донесеме плод на Бога. 5Зашто, додека бевме во телото, во нашите членови дејствуваа грешни страсти, кои Законот ги побудуваше, така што ги донесувавме плодовите на смртта. 6А сега, се ослободивме од Законот, откако умревме за оној, кој нѐ потчинуваше, за да служиме во нов дух, а не во старата буква. 7И така, што да речеме? Дали е Законот грев? Далеку од тоа! Сепак, јас го запознав гревот само преку Законот, зашто не би ја запознал страсната желба, ако Законот не рече: „Не ќе пожелуваш!“ 8А гревот најде повод во заповедта и предизвика во мене секаква желба, зашто без Закон - гревот е мртов. 9И јас живеев некогаш без Законот; но кога дојде заповедта гревот оживе, а јас умрев; 10и се покажа дека заповедта, што беше дадена за живот, ме водеше во смрт; 11имено, гревот, откако доби повод во заповедта, ме заведе и ме уби преку неа. 12Затоа Законот е свет; а и заповедта е света, и праведна, и добра. 13Дали тоа значи дека доброто стана смрт за мене? Да не биде! Туку гревот, за да се покаже како грев, се послужи со доброто и ми предизвика смрт, за да стане гревот - со посредство на заповедта - прекумерно грешен. 14Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас сум телесен, продаден, под грев. 15Така, не знам што правам; зашто не го правам она, што го сакам, туку го правам она, што го мразам. 16Ако пак го правам, она што не го сакам, се согласувам со Законот дека тој е добар. 17Зашто тоа веќе не го правам јас, туку гревот, кој живее во мене. 18Имено, јас знам дека никакво добро не живее во мене, односно во моето тело; зашто, желба за добро има во мене, но не и сила за да го правам тоа, 19зашто не го правам доброто, што го сакам, туку го правам злото, што не го сакам. 20А ако го правам она што не го сакам, не го правам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене. 21И така, го наоѓам овој закон: дека кога сакам да правам добро, злото е близу. 22Вистина, со мојот внатрешен човек наоѓам наслада во Божјиот Закон, 23но, гледам друг закон во моите членови, кој војува против законот на мојот ум, и ме заробува под законот на гревот, што е во моите членови. 24Беден човек сум јас! Кој ќе ме спаси од ова смртоносно тело! 25Му благодарам на Бога преку Исуса Христа, нашиот Господ! 26И така, јас самиот со умот му служам на Божјиот Закон, а со телото на законот на гревот.
Селектирано:
РИМЈАНИТЕ 7: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.