1 Коринтјаните 1
1
1Од Павле, повикан од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат Состен.
2До Божјата црква во Коринт, до вас, кои Бог ве повика да бидете Негов свет народ и ве направи свети преку Исус Христос, и вас, и сите христијани насекаде, сите што го повикуваат името на Исус Христос, нивни и наш Господ.
3Ви посакуваме благонаклоност и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.
4Постојано Му се заблагодарувам на мојот Бог за Неговата милосрдна благонаклоност што ви ја подари преку Исус Христос.
5Тој во секој поглед ја збогати вашата црква со надареност за говорништво и со многу знаење.
6Со тоа и проповедањето за Христос се зацврсти меѓу вас.
7Сега, додека нестрпливо го чекате повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, не ви недостасува никаква духовна дарба.
8Тој ќе продолжи да ве надградува докрај, за да бидете беспрекорни на денот кога ќе се врати нашиот Господ Исус Христос.
9Во Бог можете да имате доверба! Тој ве повика да се здружите со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.
10Сега, драги пријатели христијани, многу ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, да изградувате слога меѓу вас, за да не дојде до раздор во црквата. Треба да ги усогласите вашите идеи и планови.
11Од семејството на Хлое ме известија дека меѓу вас, драги мои, има поделби.
12Едни сте викале: „Јас сум Павлов!“ други: „Јас сум Аполосов!“, трети: „Јас сум Петров!“, четврти: „Јас сум Христов!“
13Зар Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Во името на Павле ли бевте крстени?
14Благодарен сум Му на Бог што, освен Крисп и Гај, јас не крстив ниту еден од вас,
15за да не рече некој дека е крстен во мое име.
16(Да, ги крстив и членовите на семејството на Стефан, а не се сеќавам дали сум крстил уште некој.)
17Христос не ме испрати да крштавам, туку да ја проповедам Радосната вест, и тоа не со мудри говори, за да не се омаловажи силата на делото што го изврши Христос на крстот.
18Проповедањето за смртта на Исус на крстот им звучи бесмислено на луѓето што се на патот кон пропаста, но за нас што сме на патот на спасението тоа претставува Божја сила.
19Во Светото Писмо, Бог вели: „Ќе ја уништам човечката мудрост, ќе ги отфрлам нивните најостроумни идеи.“
20Зашто, ни филозофите, ни законодавците, ниту научниците на овој свет не не спасија! Бог ни покажа дека мудроста на овој свет е далеку од мудрост!
21Кога мудриот Бог виде дека луѓето преку сопствената мудрост никогаш нема да дојдат до Него, реши да им обезбеди спасение на оние што ќе и поверуваат на оваа, навидум бесмислена порака што ние ја проповедаме.
22И додека Евреите бараат знаци од небото, а Грците мудруваат,
23ние проповедаме за Христос Кој беше распнат за да не спаси. Тоа за Евреите е неприфатливо, а за другите народи - бесмислено!
24Но за оние што се повикани од Бог да се спасат, без разлика дали се Евреи или се од другите народи, во Христос се покажа Божјата сила и Божјата мудрост.
25Овој навидум неразумен Божји план е многу помудар и од најмудрите човечки планови, и она што ни изгледа слабо од Бог е многу помоќно од сета човечка моќ.
26Погледнете се, драги мои, вие што сте од Бога одбрани: меѓу вас нема многумина што се мудри според човечки мерила, ни многу моќници или луѓе од благородничко потекло.
27Напротив, Бог ги одбра оние што овој свет ги смета за прости, за да ги посрамоти оние што се сметаат за мудри. Бог ги одбра оние што во овој свет се немоќни, за да ги посрамоти моќниците.
28Бог ги одбра оние што не се од благородничко потекло и оние што се презрени во овој свет, за да ги направи ништожни оние што овој свет ги смета за многу важни.
29Така ниеден човек не ќе може да се фали пред Бог.
30Бог ви овозможува и вам да се спасите преку Исус Христос, Кој стана наша мудрост од Бога, ни ја подари Својата праведност, не направи свети и ја плати цената за да не откупи.
31Затоа, во Светото Писмо е напишано: „Кој сака да се фали, нека се фали само со она што го стори Господ.“
Селектирано:
1 Коринтјаните 1: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.