1 Коринтјаните 14
14
1Љубовта нека ви биде највозвишената цел! Бидете желни и за духовни дарби, а посебно за дарба да пророкувате.
2Зашто, кога некој зборува на непознати јазици, Бог ќе го разбере, но не и луѓето. Тоа што го зборува воден од Светиот Дух, ќе остане тајна за луѓето.
3А оној што пророкува, им зборува на луѓето за да ги поучи, да ги опомене и да ги утеши.
4Оној што зборува на непознати јазици, самиот себе се надградува, а оној што пророкува ги надградува сите што се во црквата.
5Би сакал сите вие да имате дарба да зборувате на непознати јазици, но повеќе би сакал да умеете да пророкувате. Оној што пророкува извршува поважна служба од оној што зборува на јазици, освен ако има и превод, па луѓето во црквата да можат да се поучат.
6Драги мои, ако дојдам кај вас и ви зборувам на непознати јазици, каква полза ќе имате, ако не ви откријам што значи тоа? Каква полза ќе имате ако не ви кажам нешто што не го знаете, ако не ви пророкувам и не ве поучам?
7Дури и музичките инструменти, како, на пример, флејта или харфа, иако не се живи суштества, треба да испуштаат јасни тонови, инаку како ќе ја распознаваме мелодијата?
8Ако трубата не дава препознатлив звук, како ќе знаат војниците дека треба да се подготват за борба?
9Така и вие, ако не ја пренесете пораката со разбирливи зборови, како ќе се знае што сте рекле? Зборувањето ќе ви биде во ветер!
10На светот постојат многу јазици и сите си имаат смисла за оние што ги разбираат.
11Но ако јас не го знам јазикот, ниту јас ќе можам да го разберам човекот што ми зборува на тој јазик, ниту тој ќе може да ме разбере мене.
12Затоа, кога сте веќе толку желни за духовни дарби, барајте такви дарби што ќе бидат најполезни за Црквата.
13Оној што има дарба да зборува на туѓ јазик треба да се моли и за способност да им го преведе на слушателите.
14Зашто, ако се молам на јазик што не го разбирам, мојот дух се моли, но мојот разум нема никаква полза од тоа.
15Значи, што треба да правам? Да се молам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум! Да пеам со мојот дух, но да биде вклучен и мојот разум.
16Во спротивно, ако се молите само во својот дух, како може оној што не ве разбира да каже „Амин“ на вашите искажани благодарности, кога не разбира што сте рекле?
17Вие можеби сте Му се заблагодариле на Бог на прекрасен начин, но во тоа нема поука за другите.
18Благодарен сум Му на Бог што јас зборувам повеќе јазици од сите вас,
19сепак во црквата претпочитам да кажам пет збора што сите ќе ги разберат и од нив ќе се поучат, отколку десет илјади зборови на јазик што никој не го разбира.
20Драги пријатели христијани, немојте да се однесувате како да сте со детски ум! Во однос на злото, треба да бидете наивни како деца, но во расудувањето бидете со зрели умови.
21Во Светото Писмо е напишано: “Ќе му се обратам на овој народ на разни јазици, преку луѓе кои ќе им говорат на разни јазици, но ни тогаш нема да Ме послушаат“ - вели Господ.
22Духовниот дар да се зборува на туѓи јазици можеби им значи нешто на оние кои се уште не поверувале, но не и на оние што веруваат. Пророкувањето, од друга страна, е првенствено наменето за оние што веруваат, а не за оние што не веруваат.
23Замислете да се собере целата црква и сите да почнат да зборуваат на непознати јазици; ако влезе некој неупатен или неверен, зар нема да помисли дека сте полуделе!?
24Но ако во црквата се пророкува, па влезе некој неупатен или неверник, ќе слушне, ќе сфати дека е грешен и дека начинот на кој живее е за осуда.
25Додека слуша, ќе му бидат разоткриени тајните на неговото срце, па ќе клекне на колена и ќе Му се помоли на Бог, признавајќи дека Бог навистина е овде, меѓу вас.
26Значи, што барам јас од вас, драги пријатели христијани? На вашите собранија, некој ќе сака да каже псалм, некој поука, некој нешто што Му е откриено од Бог, некој ќе зборува на непознат јазик, друг ќе го преведува. Сите тие нешта треба да бидат за ваша духовна изградба.
27Ако некои посакаат да зборуваат на непознат јазик, нека зборуваат двајца или најмногу тројца и тоа еден по еден, а некој нека ги преведува.
28Ако нема кој да ги преведува, нека не зборуваат јавно во црквата, туку приватно, пред Бог.
29И кога се пророкува, нека зборуваат двајца или тројца, а другите нека размислуваат за кажаното.
30Ако некој од учесниците добие откровение од Бог, оној што зборува тогаш треба да заврши, па да почне другиот да зборува.
31Така сите што пророкуваат ќе можат да зборуваат, но само еден по еден, за сите да можат да научат нешто и да се охрабрат.
32Зашто и луѓето што пророкуваат треба да се воздржуваат и да си го чекаат својот ред!
33Бог не сака безредие, туку сака се да се одвива во ред и мир, како што е во сите христијански цркви.
34Жените не треба да говорат на богослужбите. Тие треба да молчат и да слушаат, како што наложува Мојсеевиот Закон.
35Ако нешто не им е јасно, нека ги прашаат дома своите мажи. На жена не и прилега да говори на богослужба.
36Божјото слово, драги христијани во Коринт, ниту започна од вас, ниту завршува кај вас!
37Ако некој се смета за пророк или за духовен човек, ќе сфати дека овие работи што ви ги напишав се заповеди од Господ.
38Ако некој го отфрла ова, Господ ќе го отфрли него!
39Така, драги мои, бидете желни да пророкувате. Не забранувајте го зборувањето на непознати јазици,
40но се мора да се прави пристојно и уредно!
Селектирано:
1 Коринтјаните 14: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.