Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Коринтјаните 7

7
1Драги пријатели, сега кога ги знаеме сите овие ветувања, да се исчистиме од се што може да ги оскверни нашето тело или дух. Да се трудиме, од страхопочит спрема Бог, да стануваме телесно и духовно се почисти, до совршенство.
2Направете повеќе место за нас во вашите срца! Ние никого не сме онеправдале, никого не сме завеле, никого не сме измамиле и искористиле.
3Не го велам ова за да ве обвинувам. Вие сте ни толку прираснати за срце што сме готови со вас да го делиме и животот и смртта.
4Имам голема доверба во вас. Се гордеам со вас и навистина сте големо охрабрување за мене. И покрај сите наши тешкотии, мојата радост не знае за граници.
5Откако дојдовме во Македонија, немаме мир. Се соочуваме со неволи од сите страни: однадвор напади, однатре стравови.
6Но Бог, Кој ги охрабрува потиштените, со доаѓањето на Тит ни ја врати храброста.
7Охрабрување за нас беше не само неговото доаѓање, туку и тоа што тој ни го пренесе за вас: како вие него сте го охрабриле, колку сте биле желни да ме видите, колку тагувате и колку ревносно сте приврзани за мене. Тоа уште повеќе ме зарадува.
8Дури и ако сум ве нажалил со претходното писмо што ви го пратив, не се каам што го сторив тоа. Извесно време ми беше жал, зашто тоа писмо привремено ве натажи
9но сега се радувам, не затоа што ве нажалив, туку затоа што тоа ве доведе до покајување. Таа жалост ви е од Бог. Ние со ништо не сакавме да ве повредиме.
10Бог може да ја употреби жалоста во нашите животи за да ни помогне да се оттргнеме од гревот и да бараме спасение. Ако сте доживеале таква жалост, не треба да ви биде криво. Опасна е жалоста што не води кон покајание, бидејќи таа води во смрт.
11Видете колку позитивно се одрази на вас таа жалост од Бога! Ве направи многу поотворени и поревносни да покажете дека не сте виновни. Каква огорченост, каква тревога, каква желба, грижа и решителност да се казни прекршителот! Со сето ова покажавте дека во однос на таа работа вие сте чисти.
12Зашто, кога ви го напишав тоа писмо, не ми беше намерата да го обвинам оној што направил прекршок, ниту да го бранам оној што бил онеправдан. Ви напишав за да ви покаже Бог колку сте приврзани кон нас.
13Тоа навистина не охрабри. Не само што ова не охрабри, туку уште повеќе не зарадува тоа што Тит се врати радосен. Сте му покажале дека нема причина да биде загрижен.
14Сето она за што сум ве фалел пред него се потврди како вистина и не ме посрамивте. Секогаш сум ја зборувал вистината за вас, па така и тоа што ве фалев пред Тит се потврди дека е вистина.
15Кога Тит видел колку сте вие послушни, со колкава страхопочит и трепет во срцето сте го пречекале, тој уште повеќе ве засака.
16Многу сум радосен што можам да имам целосна доверба во вас.

Селектирано:

2 Коринтјаните 7: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се