Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 22

22
1„Браќа и татковци! Ислушајте ја мојата одбрана што сега ќе ја изнесам пред вас.“
2Кога слушнаа дека им се обраќа на нивниот, арамејски јазик, уште повеќе стивнаа, а Павле продолжи:
3„Јас сум Евреин. Роден сум во Тарс, град во покраината Киликија, но пораснав и се школував овде, во Ерусалим. Учител ми беше познатиот Гамалиел. Крај неговите нозе научив строго да се придржувам кон правилата и обичаите на нашите предци. Станав ревносен за Бог, исто како што сте и вие денес.
4Ги прогонував христијаните до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени.
5Ова можат да го потврдат Првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети.
6Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото.
7Паднав наземи ничкум и чув глас како ми се обраќа: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!?‘
8,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав јас. ,Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!‘
9И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле.
10Тогаш реков: ,Кажи ми што да правам, Господе?‘ ,Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано се што треба да правиш!‘ - ми одговори Господ.
11Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од силната светлина и воопшто не можев да гледам.
12Во Дамаск имаше еден човек по име Ананија. Тој беше побожен човек што се придржуваше до Божјиот Закон и уживаше голем углед кај сите Евреи од тој крај.
13Тој дојде кај мене, ми пристапи и ми рече: ,Брате Савле, нека ти се врати видот!‘ Истиот миг видот ми се врати и можев да го видам Ананија.
14Потоа тој ми рече: ,Богот на нашите прадедовци те одбра да се запознаеш со Неговата намера, да го видиш Праведникот и да го слушнеш повикот од Неговата уста.
15Отсега ти ќе им проповедаш за Него на сите луѓе, ќе им кажуваш за она што си го видел и слушнал.
16Што чекаш сега? Стани, крсти се и повикај Го Господ да ти ги измие гревовите!‘
17Кога се вратив во Ерусалим, еден ден отидов во храмот за да се молам.
18Во видение Го видов Исуса, Кој ми рече: ,Напушти го Ерусалим што поскоро, зашто тие нема да веруваат кога ќе им сведочиш за Мене!‘
19А јас Му реков: ,Господе, зошто да не ми веруваат кога знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние што веруваа во Тебе!?
20А кога го каменуваа Твојот сведок Стефан, и јас бев таму. Го одобрував убиството и им ги чував облеките на неговите убијци!‘
21Но Господ ми рече: ,Ти наредувам да го напуштиш Ерусалим, зашто Јас те праќам далеку, меѓу нееврејските народи!‘“
22Се до овој миг тие го слушаа, но кога го слушнаа последново, почнаа да викаат: „Истребете го овој човек од лицето на земјата! Тој не заслужува да живее!“
23Викаа, мавтаа со своите наметки и фрлаа прав во воздухот.
24Полковникот им нареди на војниците да го внесат Павле во тврдината и да го камшикуваат, за да признае какво злосторство извршил. Сакаше да дознае зошто народот толку гневно вика против него.
25Кога го врзаа за да го камшикуваат, Павле го праша помладиот офицер што стоеше крај него: „Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, кој за ништо не е осуден!?“
26Тогаш помладиот офицер му пријде на полковникот и му рече: „Што ќе правиме сега? Овој човек е римски граѓанин!“
27Полковникот отиде кај Павле и го праша: „Вистина ли е дека си римски граѓанин?“ “Да!“ - му одговори Павле.
28Полковникот му рече: „И јас сум римски граѓанин; за тоа платив голема сума пари!“ Во одговор Павле му рече: „Јас сум римски граѓанин по раѓање!“
29Војниците што требаше да го сослушуваат Павле веднаш се повлекоа, а се повлече и полковникот, исплашен што нареди римски граѓанин да биде врзан и камшикуван.
30Следниот ден, сакајќи да дознае за што ќе го обвинат Евреите, полковникот го ослободи Павле од прангите и нареди да се соберат Првосвештениците и сите членови на еврејското собрание, па го доведе Павле и им го предаде на сослушување.

Селектирано:

Дела Ап. 22: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се