Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 5

5
1Слушнете ме сега вие што сте богати! Плачете и лелекајте заради многубројните неволи што ве очекуваат!
2Гнило е вашето богатство, вашите облеки молци ги изедоа.
3Вашето сребро и злато ’рѓосаа. Таа ’рѓа ќе биде сведоштво против вас. Ќе ги изеде вашите тела како оган. Напластивте богатство во овие последни денови.
4Не им плативте на оние што ги косеа вашите ливади и тие неисплатени пари сега викаат против вас, а лелекот на оние што ги жнееја вашите ниви дојде до ушите на Семоќниот Господ.
5Живеевте раскошно и разуздано на Земјата, си ги угоивте телата како добиток готов за клање.
6Осудивте и убивте праведни луѓе, кои не можеа да ви се противстават.
7Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да узрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд.
8Бидете и вие трпеливи како него и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде!
9Немојте да негодувате еден против друг, во спротивно Бог ќе ви суди! Еве Го Судијата, веќе стои пред врата!
10Драги мои, следете го примерот на пророците што зборуваа во името на Господ. Тие имаа трпение, дури и кога мораа да страдаат.
11Оние што најмногу издржаа, најмногу и ги почитуваме. Сте слушнале какво трпение покажа Јов и знаете како Господ на крајот го благослови. Господ е полн со милост и сочувство.
12Но пред се, драги пријатели, немојте да се колнете, ни во небото, ни во Земјата, ниту во што било друго. Доволно е да кажете само „да“ или „не“, за да не паднете под осуда.
13Ако некој меѓу вас е во невола, нека се моли. Ако е весел, нека пее песни на благодарност.
14Ако некој од вас е болен, нека ги викне старешините на црквата да дојдат и да се молат за него. Нека ги замоли да го помазат со маслиново масло во името на Господ.
15Ако се молите со вера, ќе му помогнете на болниот. Господ ќе го оздрави и, ако направил грев, ќе му прости.
16Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да бидете исцелени. Енергичната молитва од праведен човек има голема сила!
17Илија беше човек од крв и месо, како што сме и ние. Кога тој се помоли да не врне дожд - три и пол години дожд не заврна на земјата.
18Потоа пак се помоли и заврна дожд, па земјата си ги даде своите плодови.
19Пријатели мои, христијани, ако некој од вас застрани од вистината, треба да се потрудите да го вратите назад.
20Оној што ќе врати грешник од погрешен пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие многу гревови.

Селектирано:

Јаков 5: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се