Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 10

10
1Ве уверувам дека, штом некој не влегува низ вратата на трлото, туку се обидува да прескокне на друго место, тој е крадец и разбојник.
2Вистинскиот пастир на овците влегува низ вратата.
3Нему вратарот Му отвора. Овците го слушаат Неговиот глас, а Тој ги повикува Своите овци по име и ги изведува.
4Кога ќе ги изведе сите Свои овци, Тој оди пред нив, а Неговите овци Го следат, бидејќи Му го познаваат гласот.
5Тие никогаш нема да следат туѓинец, туку ќе бегаат од него, бидејќи не му го познаваат гласот.“
6Исус им ја кажа оваа алегорична приказна, но тие не разбраа што сакаше да им каже.
7Тогаш Исус повторно им рече: „Ве уверувам дека Јас сум вратата за овците.
8Сите што дојдоа пред Мене беа крадци и разбојници, но Божјите овци не ги послушаа.
9Јас сум вратата. Секој што ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; ќе може да влегува, да излегува и да наоѓа пасиште.
10Крадецот доаѓа само за да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да дадам живот - и тоа живот во сета негова полнота.
11Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците.
12Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува.
13Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците.
14Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене,
15како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците.
16Имам и други овци, кои не се од ова стадо. И нив треба да ги приберам, кога ќе го слушнат Мојот глас. Тогаш ќе има едно стадо и еден Пастир.
17Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам.
18Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“
19Заради овие зборови на Исус, повторно се појави раздор меѓу еврејските верски водачи.
20Многумина од нив велеа: „Обземен е од демон! Полудел! Зошто Го слушате!?“
21Други, пак, велеа: „Овие зборови не се зборови на човек обземен од демон! Може ли човек што е обземен од демон да им ги отвора очите на слепи луѓе!?“
22Беше зима и во Ерусалим се славеше празникот Ханука.
23Исус се шеташе во храмот, под Соломоновиот трем.
24Еврејските верски водачи се насобраа околу Него и Го прашаа: „До кога ќе не држиш во неизвесност? Ако си Ти Месијата, кажи ни отворено!“
25Исус им одговори: „Јас ви кажав, но вие не верувате. Делата, што ги вршам во името на Мојот небесен Татко, покажуваат кој сум Јас.
26И покрај тоа, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци.
27Моите овци го познаваат Мојот глас. Јас ги познавам, а тие Ме следат.
28Јас им давам вечен живот и тие никогаш нема да згинат. Никој не може да ги грабне од Мојата рака.
29Мојот Татко, Кој Ми ги даде, е посилен од сите. Никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко.
30Јас и небесниот Татко сме едно.“
31Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат.
32Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“
33Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“
34Исус им одговори: „Зар не е запишано во вашиот Закон дека Бог вели за народните водачи: ,Јас реков, богови сте‘?
35Ако Бог ги нарече богови оние на кои им беше дадена Божјата порака (а знаеме дека тоа што го вели Светото Писмо е секогаш точно),
36како, тогаш, вие велите за Оној што Таткото Го освети и испрати во светот, дека хули на Бога, затоа што рекол ,Јас сум Божјиот Син‘?
37Ако Јас не го правам истото она што го прави и Мојот небесен Татко, тогаш немојте да Ми верувате.
38Но, ако го правам истото, тогаш, дури и да не Ми верувате Мене, верувајте им на делата, за да сфатите еднаш засекогаш дека Таткото е во Мене и Јас сум во Таткото!“
39Тогаш тие уште еднаш се обидоа да Го уапсат, но Тој им се истргна од рацете и си замина.
40Потоа Исус повторно отиде од другата страна на реката Јордан, на местото каде што Јован Крстител во почетокот крштаваше, и таму остана.
41Многумина доаѓаа кај Него и велеа: „Јован не направи ниту едно чудо, но се што рече Јован за овој човек беше вистина.“
42И голем број луѓе таму поверуваа во Исус.

Селектирано:

Јован 10: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се