Јован 20
20
1Во неделата, уште во рани мугри, додека се уште беше темно, Марија Магдалена дојде на гробот и го виде каменот иставен од отворот на гробницата.
2Таа со трчање отиде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кој му беше љубимец на Исус, па им рече: „Го зеле телото на Господ од гробницата, а не знаеме каде Го преместиле“
3Тогаш Петар и другиот ученик излегоа и се упатија кон гробот.
4Обајцата трчаа, но другиот ученик истрча побрзо од Петар и прв втаса до гробот.
5Тој се наведна и го виде платното како лежи таму, но не влезе внатре.
6Кога стигна и Симон Петар, влезе во гробот, па го виде платното како лежи таму,
7како и погребната шамија која беше употребена за завиткување на Исусовата глава. Шамијата не беше заедно со платното, туку беше одвоено свиткана на едно место.
8Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, па виде и поверува;
9(зашто тие тогаш не знаеја дека, според Светото Писмо, Исус ќе воскресне од мртвите).
10Потоа учениците се вратија дома.
11Марија Магдалена стоеше надвор до гробницата плачејќи. Додека така плачеше, таа се наведна над влезот на гробницата
12и виде двајца ангели во бело како седат на местото каде што било Исусовото тело: едниот кај главата, а другиот кај нозете.
13Ангелите ја прашаа Марија: „Зошто плачеш?“ “Го зеле телото на мојот Господ и не знам каде Го преместиле!“ - им рече таа
14Штом го рече тоа, таа се сврте и Го виде Исуса како стои таму, но не Го позна.
15Исус и рече: „Зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, Марија Му рече: “Господине, ако си Го зел телото ти, кажи ми каде си го преместил и јас ќе го земам.“
16Исус и рече: „Мирјам!“ Таа се сврте и Му одговори на хебрејски: „Рабани!“ (Во превод значи: ,Учителе‘.)
17Исус и рече: „Не држи се за мене, зашто се уште не Сум се вратил кај небесниот Татко. Оди кај Моите ученици и кажи им дека Јас се враќам кај Мојот Татко и Бог, Кој е и ваш Татко и Бог.“
18Тогаш Марија Магдалена отиде и им јави на Исусовите ученици: „Го видов Господ!“ Потоа таа им го пренесе она што Исус и го кажа.
19Во истиот тој ден, а беше недела, кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав.
20Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа.
21Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“
22Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух!
23Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“
24Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави.
25Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“
26По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав!
27Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“
28Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“
29А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“
30Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга.
31А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него да имате вистински живот.
Селектирано:
Јован 20: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.