Јован 5
5
1По овие случки, по повод еден еврејски празник, Исус се врати во Ерусалим.
2А во Ерусалим, покрај Овчата порта, има една бања со пет тремови, која на хебрејски се вика Бетзата.
3Под тремовите лежеа многу болни: слепи, сакати и парализирани (кои очекуваа да се раздвижи водата, бидејќи
4одвреме, навреме ангел Господов слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата. Првиот што ќе влезеше по раздвижувањето на водата, оздравуваше од каква и да било болест да боледуваше.)
5Таму имаше еден човек, кој боледуваше веќе триесет и осум години.
6Исус го виде како лежи и знаејќи дека веќе долго време боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“
7„Господине“, - Му одговори болниот - „нема кој да ме спушти во бањата кога ќе се разбранува водата. Додека јас да втасам - друг слегува пред мене!“.
8„Стани, земи си ја постилката и оди си, зашто Јас те исцелив!“ - му рече Исус.
9Човекот веднаш оздраве, си ја зеде постилката и почна да оди. Но тој ден беше сабота,
10па затоа еврејските верски водачи му рекоа на исцелениот: „Сабота е! Забрането е да ја носиш постилката!“
11Тој им одговори: „Човекот што ме исцели, ми рече: ,Земи си ја постилката и оди!‘“
12„Кој е тој човек што ти го рекол тоа?“ - го прашаа тие.
13Излекуваниот, пак, не знаеше Кој е тој човек, затоа што Исус се беше повлекол од толпата народ што беше на тоа место.
14Подоцна, Исус го сретна во храмот и му рече: „Сега оздраве; не греши повеќе, за да не те снајде нешто уште полошо!“
15Човекот си замина и им кажа на еврејските верски водачи дека Оној што го исцели е Исус.
16Поради ова, еврејските верски водачи почнаа да Го прогонуваат Исуса, зашто вакви работи правеше во саботите.
17Но Исус им одговори: „Мојот небесен Татко не престанува да работи, па и Јас работам.“
18Заради ова, еврејските верски водачи уште поцврсто беа решени да Го убијат, зашто Тој не само што ја прекршуваше уредбата за саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Татко, изедначувајќи се така со Бог.
19Во одговор, Исус им рече: „Ве уверувам дека Синот не може да прави ништо сам од Себе; Тој го прави само она што го гледа кај Татка си. Тоа што го прави Таткото, го прави и Синот.
20Зашто, Таткото Го сака Синот и Му покажува се што прави. Тој преку Синот ќе покаже и поголеми дела од ова исцелување, за вие да се чудите.
21Зашто, како што Таткото ги подига мртвите и ги оживува, исто така и Синот оживува кого сака.
22Зашто Таткото не суди никого, туку сето право да суди Му Го предаде на Синот,
23за сите да Го почитуваат Синот, исто како што Го почитуваат Таткото. Оној што не Го почитува Синот, не Го почитува ни Таткото, Кој Го испрати.
24Ве уверувам дека секој што ја слуша Мојата порака и верува во Бога, Кој Ме испрати, има вечен живот и нема да биде осуден за своите гревови, зашто таквиот веќе преминал од смрт во живот.
25Ве уверувам дека доаѓа време, и веќе е дојдено, кога мртвите ќе го слушнат Мојот глас - гласот на Божјиот Син. Оние што Му биле послушни - ќе живеат!
26Зашто, како што Таткото е извор на живот, така Му даде и на Синот да биде извор на живот.
27Тој Му даде на Синот и право да суди, затоа што Тој е Синот Човечки.
28Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот кога сите покојници ќе го слушнат гласот на Божјиот Син
29и ќе излезат од гробовите: оние што правеле добро - ќе воскреснат за да живеат вечно, а оние што вршеле зло - ќе воскреснат за да бидат осудени на вечна казна!
30Јас не можам ништо да направам самоволно. Судам онака како што Ми кажува небесниот Татко, и Мојот суд е праведен, зашто не постапувам самоволно, туку според волјата на Бог, Кој Ме прати.
31Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да вреди.
32Но постои Друг што сведочи за Мене и знам дека она што Тој го сведочи за Мене, вреди.
33Вие самите испративте пратеници кај Јован Крстител и тој ви ја кажа вистината.
34Јас немам потреба од човечко одобрување; а овие работи ви ги кажувам за вие да се спасите.
35Јован беше светилка која гореше и светеше. И за тоа кратко време вие со задоволство и се радувавте на неговата светлина.
36Јас, пак, имам сведоштво со поголема тежина од она на Јован. Делата што Мојот Татко Ми ги довери да ги извршам, и кои Јас ги извршувам, сведочат дека сум испратен од небесниот Татко.
37И Таткото, Кој Ме прати, исто така сведочи за Мене, но вие никогаш не сте го послушале Неговиот глас ниту пак сте го виделе Неговиот лик.
38А и Неговиот збор не се задржува во вас, затоа што не верувате во испратениот од Него.
39Вие го проучувате Светото Писмо, зашто верувате дека во него ќе најдете вечен живот за себе - а токму таму се говори за Мене!
40Па сепак, вие не сакате да дојдете кај Мене и да примите живот.
41Јас не сакам слава од луѓето;
42а вас ве познавам и знам дека во себе немате љубов спрема Бог.
43Јас дојдов во името на Мојот Татко, а вие не Ме примате. Ако некој друг дојде во свое име, него ќе го примите!
44Како можете да верувате, кога еден на друг си давате слава, а славата од Единствениот Бог не ја посакувате!?
45Немојте да мислите дека Јас ќе бидам Тој што ќе ве обвини пред небесниот Татко. Мојсеј - оној на кого се надевате - тој ќе ве обвини.
46Да му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувавте и Мене, затоа што тој има пишувано за Мене.
47Но штом не верувате во она што тој го напиша, како ќе верувате во ова што Јас го зборувам!?“
Селектирано:
Јован 5: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.